Собраниската расправата за XXXIII нацрт-амандман на Уставот на Република Македонија, во согласност со Договорот од Преспа, продолжува утре, откако на денешната седница не беше исцрпена листата на околу четириесетина пратеници пријавени за збор.
Во претпладневниот дел на 64. седница, премиерот Зоран Заев во расправата по нацрт-амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија, ја повика опозицијата на одговорност и побара да ги поддржи амандманите бидејќи друга опција освен влез во ЕУ и НАТО нема.
Во попладневното продолжение на собраниската расправа, пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи оти нема да искоментира ништо од текстот на нацрт-амандманите, затоа што смета дека не треба да се отвора и менува Уставот, со цел промена на уставното име на земјата и оти ќе ја почитува волјата на оние што и ја дале довербата.
– Процесот го водевте нетраспарентно, решивте опозицијата целосно да ја тргнете на страна. Ја водевте расправата во Комисијата за европски прашања, го изолиравте и претседателот на државата. Свесни сте дека договорот е спротивен на меѓународното право. Власта одлучи да не го послуша народот што не излезе на референдумот и топката ја префрли во Собранието на РМ, рече таа.
Никола Димитров реплицирајќи на пратениците од опозицијата, рече дека досега во спорот со името имало три главни прашања – името, опфатот и што тоа значи за идентитетските прашања, и главното стравување било дека со додавање придавка ќе ни се загрози идентитетот.
– Предизвикот дали сме Македонци не постои врз основа на овој договор. Ова е комбинација која едвај ја постигнавме и многу тешко поминува и кај нас и кај нив, но крајната цел е да ја зацврстиме државноста, посочи Димитров.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека договорот е капитулантски и оти требало да се постигне со национален консензус и да не се отстапува од црвените линии.
– Се што е напишано во договорот е директно мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Мора да градиме пријателства и да правиме отстапки, но не можам да видам гаранции од страна на Грција, напротив има замки кои би значеле блокирање одредени поглавја во преговорите со ЕУ, ако соседот-Грција, констатира дека нешто сме згрешиле, рече Ласовска, и оти тие како пратеници немаат мандат да го решаваат „ова горливо прашање и да си играат со судбината на граѓаните“.
Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците истакна дека сите политички чинители треба да се согласат дека без промена на името немаше да имаме никаков договор и тоа беше главната причина зошто Алијансата за Албанците го поддржала договорот, независно што имале забелешки за неговата содржина.
– Амандманот 33 има за цел да го измени името, но истовремено се менува и голем дел од Уставот, за секој член што се менува потребно е да се предложи посебен амандман и сметам дека во оваа насока требаше да имаме 55 амандмани. Од нас Албанците се бара да имаме разбирање за сето ова. Еден дел на нашите сонародници Македонци немаат подготвеност и волја да видат дека во Уставот треба да стои албански јазик, наместо 20 проценти, рече Рашиди.
Истакна дека Алијансата за Албанците е зачудена како Владата немала разбирање да ги има предвид дел од барањата на албанската опозиција при предлагање на овие амандмани.
– Аргументот дека сега не е време, не држи. Кога е тогаш вистинското време. Кога го бараме ова не сме измислиле ништо ново туку сме виделе како функционираат земјите со висока демократија. Кога има добра волја да се надминат етничките разлики се изнаоѓаат начини на решавање. Се надевам во предлог амандманите Владата ќе ги земе предвид нашите барања, посочи Рашити од Алијансата на Албанците.
Хари Локвенец од СДСМ истакна дека македонскиот идентитетот по ниту еден основ не е чепнат.
– Тоа е причината зошто лидерот на опозицијата на народните собири зборуваше за институционален, а не за национален идентитет, бидејќи тој не е чепнат. Јазикот е македонски, фуснотата дека е од групата јужнословенски јазици е дополнителна придобивка, рече Локвенец.
Продолжението на 64. седница е закжано за утре во 11 часот.