Италијански фирми се заинтересирани за учество на претстојните тендери во Македонија за изградба на патна и железничка инфраструктура, гасификација, енергетика и животна средина. Структурната сличнот на економиите на двете држави и знаењето и искуството на италијанските фирми се добра основа за поголема економска соработка.
Такви пораки беа упатени на денешниот македонско-италијански бизнис форум во Скопје со учество на 15 фирми од Италија од секторите транспорт, енергетика и животна средина, а кој следи како продолжение на форумот во јуни годинава.
– Споивме фирми од Италија, навистина не е лесно да се спојат фирми од различни места, организиравме средба во Рим, и ова е прво продолжение кое го правиме во некоја земја. Ја избравме токму вашата земја, рече Федерико Морети од италијанското Национално здружение на градежни компании на форумот во Скопје, во организација на Амбасадата на Италија и Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство ИЧЕ.
Морети рече дека очекува конкретна соработка и ангажман за италијанските фирми кои по средбата од пред половина година ја завршила својата задача и се подготвиле за соработка, но, како што рече, за жал од македонска страна не добиле голем фидбек.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео истакна дека во последниот период има голем интерес на италијански фирми за инфраструктурните проекти во земјава за што е потврда и денешниот бизнис форум со присуство на најголемите здруженија и фирми во тие области. – Тука има фирми заинтересирани за проекти кои Македонија сака да ги реализира во следните години, кои вклучуваат работи на проектирање и изградба на патишта, железници, гасоводи, хидроцентрали, пречистителни станици, депонии, рече Ромео.
Тој дополни дека италијанските компании имаат големо искуство и знаење во такви проекти, а доказ за тоа е нивниот обрт од 14 милијарди евра во 90 држави со 811 фабрики и вкупна вредност од 82 милјарди евра. – Зад тие големи фирми има илјадници мали и средни претпријатија кои се рбетниот столб на италијанската економија и на овој начин сме многу слични со структурата на македонската економија, рече Ромео изразувајќи надеж дека македонските фирми ќе го искористат знаењето и искуството на италијанските фирми кои доаѓаат од позрел пазар.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, соработката меѓу Италија и Македонија бележи позитивен тренд во првите девет месеци од годинава во однос на истиот период лани со пораст од 14 проценти, кој се должи на пораст на извозот на производи од Македонија во Италија од 11,7 проценти. Италија е практично шести партнер во соработката со РМ и вкупниот промет во првите десет месеци од годинава изнесува 448 милиони евра. Овие бројки само покажуваат колку е важна соработката на нашата мала економија со италијанската како поголема економија, посочи Анѓушев.
Италијански компании се веќе вклучени во инфраструктурни проекти во Македонија, како што е изградбата на експресните патишта, а ќе можат да се пријават и на претстојните тендери за изградба на пругата кон Бугарија. – За втората фаза од пругата се обезбедени средства, тендерот во првата фаза за техничка квалификација е веќе завршен. Се радувам што на списокот на пријавени има и италијански фирми и се надеваме дека во евалуацијата ќе покажат добар резултат. За третата делница од Крива паланка до Деве Баир, која е и најкомплицирана и најскапа и ќе чини половина милијарда евра, се разговара за нејзино финансирање кое ќе биде обезбедено до крај на годината и ќе се распише тендер, рече Анѓушев, потенцирајќи го значењето на учеството на фирми од високоразвиените држави од аспект на постапките за транспарентноста.
Анѓушев најави дека ќе следат и тендери за експресните патишта, за автопатот Гостивар-Кичево, за енергетското поврзување со Албанија и за гасоводното со Грција, проекти на приватни инвеститори во делот на обновливи извори на енергија, како и изградба на пречистителни станици и регионални депонии. Постои простор за соработка и преку Законот за финансиска поддршка на инвестиците.
По форумот на кој детално ќе бидат презентирани најважните проекти од инфраструктурата, енергетиката и животната средина во Македонија попладне ќе се одржат средби на италијанските бизнисмени со претставници од домашните компании, институции и јавни претпоријатрија.
Трговската размена со Италија лани изнесувала 540 милиони евра. Италијанските инвестиции во Македонија на крајот на минатата година изнесувале 105 милиони евра. Во државава се активни 132 компании со италијански капитал претежно од чевларската, хемиска и металопреработувачка индустрија.