Страшо АНГЕЛОВСКИ

Според речникот на македонскиот јазик, зборот “црпка“ има две значења – 1. означува црпалка, нешто приспособено за црпење течност; 2. означува глава: “мисли со црпката !“.

Воведов беше потребен за да не’ внесе во анализата на она што се случуваше на собраниската седница при изборот на новата Влада на Република Македонија. Седница на која видовме две спротивности, две крајности, за кои, се покажува, го определиле победникот на последните парламентарни избори. Најверојатно ќе го определуваат и натамошното постоење или непостоење на некои од партиите.

Да одиме по ред.

Најпрво се соочивме со сериозноста и темелноста на, сега веќе официјалниот премиер, во подготовката на презентираната програма за четиригодишната активност на Владата. Сериозност и темелност во пристапот кон секоја од понудените точки во програмата кои чекаат реализација. Сериозност и темелност во желбата и најавата Македонија да се врати во рацете на граѓаните и заедно со нив да тргне по патот на развојот, просперитетот и достоинството. И конечно, сериозност и темелност да се расчисти со криминалот, корупцијата и непотизмот, кои ни го разјадуваат општеството.

Реализацијата на ваквата амбициозна, сериозна и темелна програма ќе биде заеднички успех на сите добронамерници во државава – нејзините граѓани, но и сите оние на кои по најразлични основи државава им пружа гостопримство – дипломати, представници на меѓународни организации и мисии…

Недобронамерните многу брзо “ќе си ги покажат роговите“, како што милува да каже нашиот народ.

ИЗЛИВ НА ПРАЗНИНА ОД ПРАЗНИТЕ ЦРПКИ

Потоа, се соочивме со леснотијата на празните црпки. Јас лично, а верувам и многумина од вас, едноставно, се присилив да ислушам барем неколкумина од претставниците на “нокаутираната“ опозиција, во надеж дека ќе чујам нешто конструктивно, нешто паметно, нешто што ќе даде “додадена вредност“ на веќе понудената програма. Нешто што ќе се вгради во придвижувањето на државава по патот на развојот, просперитетот и достоинството.

Наместо тоа, излив на празнина од празните црпки, поделени во три опозициски различности.

Првите, анархистичко синдикалистички, вулгарно нихилистички следбеници на најтемниот болшевизам на Енвер Хоџа, на чиј гроб, во знак на почит и се поклонија, немајќи ниту визија, ниту смисла за “големата слика“, “проверглаа“ (во речникот на македонскиот јазик зборот “вергла“ значи – постојано повторува едно те исто, празно зборува) како расипана грамофонска плоча и си останаа на местото кое им припаѓа. На страната на оние со кои преку “шарената револуција“, во интерес на најкрупниот светски капитал против кој кобајаги се борат, уриваа легална власт, поганеа паметници, како, на пример, куќата на Христо Узунов во Охрид и, придонесоа за промена на името на државава и бришењето на идентитетот на македонскиот народ.

Вторите, оние кои пред дваесеттина години завиткаа во црно македонски и албански мајки, денес се покажа, заради свое лично богатење а не заради какви и да се идеали. Оние кои, нели, имаат заверен сертификат за “претставници на македонските албанци во државава“, сертификат со стогодишна важност, што, според нив, им гарантира вековно учество во власта. Топорејќи се само со “фактот“ дека се единствени легитимни, од “Бога дадени“ претставници на некакви албански интереси во државата Македонија, не можејќи да сфатат дека се пуштени низ вода и од својот “стратегиски партнер“ заради неконтролираниот криминал и корупција, од своите празни црпки, за жал, излеаја само блуткава празнина.

Третите, оние кутрите кои уште не знаат што им се случи, дезориентирани во време и во простор, или, како што би рекло едно мало – умно човече, несуден нобеловец, идеолог токму на нивниот криминал и корупција, “изгубени во времето, го бараат семето, одејќи по жицата“.

Не можејќи да го одбранат неодбранливото – огромниот криминал и корупција во сите ресори кои им беа одобрени од Артан Груби, не можејќи да побегнат од својата сервилност и барем  да се обидат да ја исправат кичмата, со невидена леснотија, во својата злорадост, ја демонстрираа целата празнотија на своите празни црпки. Како, освен како злорадост, да се протолкува постојаното верглање на “а кога ќе го вратите името“ ?

Тие, како вистински злоради (во речникот на македонскиот јазик зборот “злорад“ означува некој што се радува на туѓа несреќа или мака), свесни за намерната уништувачка штета што со нелегитимниот Преспански договор и ја нанесоа на сопствената држава и сопствениот народ, денес, во своите празни црпки, се ситат на несреќата и маката токму на тој народ и неговите претставници во парламентот. И, наместо да ги наведнат главите и да молчат за да не им се види празнотијата на црпките, тие, злосторниците, ги извртуваат тезите – демек, не е битно што ние го сменивме името, битно е што вие нема да можете да го вратите.

Токму затоа, на почетокот на текстов напишав дека гледаме спротивности кои, очигледно, го определија победникот и поразените на изборите. Од една страна опција желна да се бори и избори за интересите на сопствениот народ и држава, за нејзина иднина и просперитет и, од другата, злоради, среќни што направиле непоправлива штета и, подготвени да го попречуваат нејзиното санирање.

Ете затоа, ќе потонат во лесната празнина на своите празни црпки.

(автотот е претседател на МААК)