Дарко ЈАНЕВСКИ
Пред само една недела, во гостување во емисијата на Љупчо Цветановски на ТВ АЛФА, изразив уверување дека СДСМ многу бргу ќе застане на нозе и ќе се опорави по стравичниот и катастрофален дебакл на изборите на 8 мај, по што од септември ќе тргне во поход кон главата на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчерашниот ден и изборите во СДСМ покажаа дека очигледно дебело погрешив. Изборот на Венко Филипче за претседател на СДСМ целосно ме демантира и покажува дека партијата е далеку од состојба на закрепнување. При тоа, не е спорен само начинот на кој беше избран Филипче, приговорите на Деспотовски и повлекувањето на Петровска, туку, едноставно, не верував дека социјалдемократите ќе го изберат човекот кој има најмногу темни дамки од претходното владеење на СДСМ.
Тешко е да се избрише од меморијата дека Филипче беше министер за здравство кој ја искачи Македонија на врвот на светската листа по починати од Ковид 19, тешко е да се избрише од меморијата на граѓаните настанот со монтажната болница во Тетово, додека во исто време, неговата пропаганда плескаше по тераси во негова чест, паралелно со цела Европа во која граѓаните им оддаваа почит на лекарите, а не на нивните министри. Македонија беше единствена земја во која наместо на оние кои денот го поминуваат во скафандери, му се ракоплеска на министерот. Тешко е да се заборави, да се извади од умот таа стравична пропаганда, вклучувајќи ја тука и онаа насловна страница на еден од дневните весници на која Филипче, наречен „свети Филипче“, во стилот на свети Ѓоргија ја убива ламјата, т.е. короната и не спасува сите нас. Гледаш и не ти се верува! Можно ли е ова? Зар толку ниско сме паднале? Зар може еден министер да се сведе на тоа ниво?
Настрана тие што му ракоплескаа, тоа даваше слика за Филипче како човек кому му е битна перцепијата, а не реалните резултати. Кој луѓето ги смета за тесто кое со пропаганда може да се меси, а не за разумни суштества со способност да размислуваат. Пожарот во Тетово беше логична последица на таа здравствената политика, која на Македонија и донесе не само 10 000 мртви од Ковид 19, туку уште толку поради затвореноста на здравствениот систем по што бројката на мртви во 2022 година се искачи на 29 000 лица на годишно ниво, наместо просекот од 20 000 починати годишно. И при сето тоа, ние имавме ракоплескање за „светиот Филипче“. Можно ли е тоа?
Потоа дојде и неговата моторџиска дружба со Зоран Заев, гробарот на Македонија, кој, ако ВМРО-ДПМНЕ држи до себе, ќе мора да одговора за се што стори, па се до учеството на последната конференција во Атина во организација на Заев и Ципрас во Атина, за одбележување на Преспанскиот договор.
Во меѓувреме, да не го заборавиме дебаклот што на изборите го доживеа Филипче, кога беше катастрофално поразен од Александар Николоски, што јасно покажа што граѓаните мислат за него. Оттука, беше тешко да се поверува дека по тој пораз од безмалку три наспроти еден, социјалдемократите ќе се решат него да му ја доверат партијата, кога веќе пред само два месеци тој на изборите си го измери рејтингот кај гласачите. Впрочем, беше изненадување што тој самиот, по еден таков пораз, воопшто се решил да застанува на чело на СДСМ која во изминатитт седум години, од партија прерасна во приватна сопственост на муртинската „елита“.
Но, се случи токму спротивното. Што јасно ја оцртува сликата за пуленот на Заев кој успеа да го победи скопското крило и да ја задржи партијата во скутот на муртинскиот итроман, што само по себе значи дека СДСМ нема да може да се обедини и цврсто да застане на здрави нозе, по што би почнала да му дише во врат на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука, ако партијата на Мицкоски можеше да посака добар подарок, тоа секако е изборот на Филипче за лидер на СДСМ. Тој, едноставно, зад себе има премногу темни петна, со кои тешко дека ќе може да се справи бидејќи времето не може да се врати назад. Филипче ќе го закова СДСМ на дното и очигледно, тоа уште сега може да се каже, ќе му подари најмалку уште еден мандат на ВМРО-ДПМНЕ, под услов владеачката партија да не направи некаква серија на скандалозни грешки во текот на ова четиригодишно владеење. Филипче, едноставно го остава празен просторот кој го создадоа Заев и Ковачевски и кој новиот лидер на СДСМ требаше одново да го заземе, и им дава крилја, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Левица и на ЗНАМ. Навистина, на наредните локални избори веројатно е дека СДСМ ќе оствари подобар резултат од тој што го направи Ковачевски на парламентарните избори, ќе освои некој глас повеќе од последните 150 000 гласови, но тоа ни оддалеку нема да биде моќен и здрав СДСМ од кого ВМРО-ДПМНЕ ќе се плаши.
Колку и да звучи апсурдно, владеачката партија ќе има повеќе проблем со медиумите на СДСМ, бидејќи една лекција Филипче добро ја има совладано – пропагандата и свесноста за нејзиното значење. ВМРО-ДПМНЕ ќе има проблем со медиумите кои ќе застанат зад грбот на Филипче (еден дел кои се приврзаници и под контрола на „скопското крило“ мирно ќе гледаат сеир од страна), ќе се бара влакно во јајце како бојата на вратоврската на Мицкоски, но и таа стратегија на Филипче нема да има голем дострел ако ВМРО-ДПМНЕ знае како да се постави и знае кои се неговите слабости во овој дел. А не дека ги нема!
А, за граѓаните, Филипче едноставно го достигна својот дострел во времето кога му се ракоплескаше по тераси на општ срам за сите и оттогаш тој е минато како политичар. Со него на чело, се чини, минато станува и моќниот СДСМ кому сега од глава му се удира политиката на владеење со уцени, наместени судски процеси, трескавично крадење, самобендисаноста и ароганцијата. И пропагандата, која заедно со претходното даваше еден систем на владеење чиј дел беше и Филипче.
Така што ВМРО-ДПМНЕ може да ја накриви капата, иако никако не треба да сметне од умот дека сега најголем непријател може да биде самиот на себе. Под услов да заспие на ловориките и да се почувствува суверен без опасност по сопствениот рејтинг. Еуфоријата против СДСМ која го имаше зафатено гласачкото тело и која се изли по улиците, односно во гласачките кутии на 8 мај, едноставно помина. Независно од тоа кој е лидер на слабиот СДСМ без шанси позначително да закрепне, граѓаните очекуваат резултати од власта и тие резултати мора да се испорачаат. Тоа е борбата против сиромаштијата и борбата против корупцијата. Тие приоритети ќе останат да висат над главите на секој во Македонија и тоа ќе мора да се реши. Било какво опуштање и било какви изговори во стилот „со СДСМ беше полошо“, овој пат нема да поминат. Така што, нека ви е со среќа Филипче, добивте вреден подарок, но тоа многу не менува кај очекувањата на тие што ве изгласаа.