Американскиот државен секретар Мајк Помпео и постави ултиматум на Русија од 60 денови за Договорот за нуклеарните сили од среден дострел. Тој изнесе тврдења дека Русија „лаже“ за својата контрола на оружје.
Помпео нагласи дека не постои стратешка смисла САД да бидат единствена држава која ќе го почитува тој договор, а дека европските држави ќе ги извести за следните чекори.
Тој порача дека само Русија може да го спаси договорот, да признае дека го кршела договорот и потоа повторно да почне да го почитува.
Во спротивно Помпео нагласи дека САД ќе бидат приморани да почнат напуштање на Договорот.
– Дострелот на ракетите претставува директна закана за Европа, изјави Помпео, мислејќи на руските крстосувачки ракети С СЦ-8, односно ракетниот систем 9М729.