Унгарскиот премиер Виктор Орбан се огласи на социјалната платформа Х во врска со вчерашниот напад на детската болница Охматдит во Киев.
Вчерашниот трагичен и одвратен напад во Киев докажува дека нашите стравови беа оправдани: Како што можеше да се предвиди, бруталноста на руско-украинската војна достигна ново ниво. Токму затоа пред девет дена отидовме во мировна мисија, напиша Орбан.
– Растечкиот интензитет на војната е повик до глобалните сили да ја напуштат својата воена политика и наместо тоа да создадат мировна политика што ќе ги одведе Русија и Украина до прекин на огнот и мировни преговори. Ова е единствениот начин да се спречи понатамошно крвопролевање, нагласи унгарскиот премиер.
Во нападот на самата болница загинаа две лица, а 32 се повредени, соопштија локалните власти. Истражителите на Службата за безбедност на Украина (СБУ) тврдат дека болницата била погодена од руски проектил Кх-101. СБУ го прогласи нападот за воено злосторство и поведе кривична постапка во врска со него.
Кремљ одговори дека за нападот е одговорна украинската противвоздушна одбрана, а не Русија. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не даде докази
за своето тврдење, но рече: „Инсистирам, ние не напаѓаме цивилни цели“.
Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, ја отфрли можноста дека украинска ракета за противвоздушна одбрана ја погодила болницата. Инаку, нападот на болницата се случи за време на масовниот руски напад врз градови низ Украина. Киев соопшти дека во нападите загинале најмалку 41 цивил.