Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика американските политички лидери во Вашингтон да не го чекаат исходот од претседателските избори во САД во ноември за да преземат решителна акција за да и помогнат на неговата земја против руската инвазија, објавија британските медиуми.
-Сите го чекаат ноември. Американците го чекаат ноември, во Европа, на Блискиот Исток, на Пацификот, целиот свет гледа кон ноември, а искрено (рускиот претседател Владимир) Путин исто така го чека ноември, рече Зеленски, говорејќи во Институтот Роналд Реган пред самитот на НАТО.
Зеленски рече дека не може да предвиди што ќе направи Доналд Трамп доколку биде избран за втор мандат за претседател на САД во ноември, додавајќи дека не го познава добро Трамп, но се надева оти поддршката на САД за Киев нема да се промени.
-Не го познавам многу добро. Не знам. Имав состаноци со него и добри средби кога беше претседател…но не ја поминавме војната со него, рече Зеленски.
Зеленски подоцна им се заблагодари на сојузниците на НАТО, кои ветија поголема воздушна одбрана за да и помогнат на Украина да се одбрани од руски беспилотни летала и ракетни напади, забележа ДПА.
На официјалното отворање на самитот на НАТО во Вашингтон, на кој присуствуваше Зеленски, претседателот Бајден најави нова воена поддршка за Украина.
-Русија нема да победи, категорично рече американскиот претседател во својот долгоочекуван говор, откако четири месеци пред претседателските избори се појавија прашања за неговата способност да ја одржи политичката линија на демократскиот табор.