Бившата специјална јавна обвинителка Катица Јанева, откако била фатена дека не оди на работа во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, повеќе нема да може да го користи правото на т.н. делумна слобода и била вратена на доиздржување на казната од која беше условно ослободена.

Службени лица од Управата за извршување на санкции по добиени информации извршиле увид во канцеларијата и затекнале дека таа е затворена, а Јанева веднаш била вратена во затворот во Идризово.

– Таа била должна да се пријави ако не е таму. Направен е записник и веќе нема да може да користи делумна слобода. Таа има право повторно да побара, но со оглед дека го прекршила, веќе нема да ѝ биде дозволено, потврди за Пресинг ТВ директорот на Управата, Александар Пандов.

Јанева беше уапсена како осомничена во аферата Рекет во 2019 година, по што беше во притвор, а по досудената затворската казна од седум години беше преместена во затворот Идризово.