Центарот за управување со кризи вечерва информира дека дел од пријавените пожари се уште се активни и според проценката на пожарникарите, нивни екипи вечерва ќе останат на терен.
Според информациите на ЦУК, активни се пожарите во атарот на селото Кањалево во општина Неготино, на планината Огражден во општина Ново Село, во селото Црнилиште, Прилепско, меѓу селата Драгоево и Селце во Штипско, меѓу селата Горно и Долно Лаповиќ во општина Конче и селото Јаболчиште во општина Велес.
Од утрово се интервенирало и од воздух на петте активни пожари од претходните денови.
Податоците со кои располага ЦУК говорат дека само за 12 дена во јули имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.
За само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста, дабова шума и мал дел на борова шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево, изјави за МИА командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов.
Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.
– Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво. Имавме помош и од воздух – еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот. Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух, изјави Ренџов за МИА.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека денеска полицискиот хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици кој дејствуваше врз пожарот што избувна на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце во 10 налета исфрлил над 15 тони вода.
Командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов за МИА вели дека утре во пет часот повторно ќе излезат на терен.
– Поголем дел е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак. Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив. Стапивме во контакт со АРМ, утре најверојатно и војската ќе биде ангажирана и се надеваме дека ќе имаме поддршка од воздух, со што ќе успееме да го локализираме пожарот, вели Ренџов.
Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен. (МИА)