Министерството за надворешни работи и надворешна трговија излезе со појаснување во врска со составот на делегацијата што ја претставуваше земјата на Самитот на НАТО во Вашингтон и рече дека Јован Мицкоски, синот на премиерот Христијан Мицкоски не бил дел од неа.

Појаснувањето од Министерството доаѓа откако опозициската СДСМ денеска побара одговор од премиерот на чиј трошок синот го придружувал во САД.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги отфрлаат тврдењата изнесени од СДСМ.

„Делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството“, се вели во соопштението испратено од Министерството.

Оттаму информираат дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрешени средства од буџетот на Македонија и додаваат дека за дополнителни информации остануваат отворени за јавноста.

Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел и синот, а од Владата побараа да го објави списокот на сите членови на делегацијата кои патувале на државен трошок за, како што велат, да се потврди или отфрли оваа информација.

На овој повик на СДСМ одговор не стигна од премиерот, туку од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на премиерот.