Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, изјави дека би требало да биде мртов по обидот за атентат во саботата додавајќи дека се чувствува спасен од милоста на Бог, пренесува Би-Би-Си.
– Најневеројатната работа беше тоа што ја свртев главата во точниот момент и под точниот агол, рече тој, додавајќи дека куршумот кој го погоди во увото можел лесно да го убие.
Трамп рече дека е тешко да се опише моментот кога погледнал кон публиката по сознанието дека бил застрелан.
– Енергијата што доаѓаше од луѓето таму во тој момент, само стоеја таму… Тешко е да се опише што чувствував, но знаев дека светот гледа. Знаев дека историјата ќе го суди ова и знаев дека треба да им кажам дека сме добро, изјави Трамп.
Претходно, Трамп напиша на неговата социјална платформа Truth Social дека има намера да го одложи своето патување во Висконсин за два дена. Но, додаде дека се држи до оригиналниот распоред бидејќи не може да дозволи еден пиштолџија или потенцијален атентатор, да го смени неговиот распоред.
Малку се знае за мотивацијата на Крукс, 20-годишниот потенцијален атентатор кој беше застрелан од Тајната служба на местото на настанот.
ФБИ изјави дека, иако нивната истрага сугерира дека Крукс дејствувал сам, ќе продолжат да истражуваат дали тој добил помош.
М.П.