И натаму трае борбата со огнената стихија, активни се 13 пожари, а по 9 дена борба планината Серта се уште гори. Се дејствува со два хеликоптери, но огнената стихија од денеска преминала и на другата страна на планината и се движи кон штипско, а противпожарните екипи се борат огнот да не навлезе во селото Пиперово.  Поради активен пожар на регионалниот пат Неготино – Штип кај село Пепелиште, сообраќајот е во прекин информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.  Во гасењето на пожарите се вклучуваат околу 300 припадници на АРМ , а се зголемува и бројот на полицајци кои се вклучуваат во справување со огнената стихија. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информираше дека претседателката Гордана Силјановска Давкова го потпишала указот за дополнителни сили да помагаат во гасењето пожари.

„Рано утрово претседателката потпиша указ со кој што ни се доделуваат 300 припадници на Армијата како помош во справувањето со пожарите. Исто така, за плус 30 припадници зголемен е и бројот на полицајци, така што денес имаме на располагање 60 припадници на Единицата за брзо распоредување.

На терен излезе и претседателката Силјановска која рече дека припадниците на Армијата се секогаш таму каде треба да се помогне“, вели Стојанче Ангелов.

„Верувам во нивната способност бидејќи секогаш кога е најтешко тие се наоѓале на вистинското место. Да, се зголемува бројот, значи и можностите за ангажман. Јасно ми е зошто сонцето е на нашето знаме, не е само нашата Република во пламен, сиот Балкан е во пламен“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Поради непристапниот терен голем дел од пожарите се гасат од воздух во што помош има од голем дел земји од регионов.

„Рано утрово полета големиот српски хеликоптер со 5 тона вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека овој пожар во непосредна близина на Радовиш кај селото Штурово веќе е ставен под целосна контрола. На територијата на општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. Кај Лисец дејствува романскиот Спартак кој ќе фрли 5-тонски водни бомби“, вели Стојанче Ангелов. 

Главниот штаб за управување со кризи е во постојано заседание, а утрово во 5 часот се одржа состанок и со домашните и странските пилоти кои што учествуваат во гасењето на пожарите. Дел од екипажот на леталата утрово не можеле да полетаат бидејќи веќе се преморени, но и поради строгите воздухопловни правила на часови на летање. Исто така на дел од леталата се појавија и одредени дефекти.