Пилотите Васко Михалчев и Стоје Арсовски, се двајцата пензионирани пилоти кои беа вратени на работа поради недостиг на обучени кадри за управување со македонските авиони за гаснење пожари Ер трактор.
Михалчев и Арсовски се вклучени во гаснењето на пожарите кои веќе десетина дена се активни на територија на Македонија.
На социјалните медиуми секојдневно се објавуваат фотографии со пофални зборови за нив.
Тие беа вратени на работа со одлука на Владата откако им беа понудени нови договори.
За недостигот на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување, МИА пишуваше уште во април годинава. Под наслов „Критичен недостиг на пилоти во ДЗС – справувањето со шумските пожари ова лето ќе биде дополнителен предизвик“, МИА тогаш во разговор со директорот на ДЗС објави дека од тројца пилоти со кои располагала Дирекцијата, годинава останува само со еден пилот, бидејќи двајца ги исполниле условите за старосна пензија.
– Имавме тројца пилоти до крајот на 2023 година. На почетокот од оваа година, двајца заминаа во пензија и моментално имаме само еден пилот. Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот, изјави тогаш Максути.
Инаку, Македонија располага со неколку авиони за гаснење на пожари Ер трактор, што беа набавени во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, но по доаѓањето на власт на СДСМ и ДУИ, долго време беа неупотребливи поради нередовно сервисирање, а годинава и поради проблемот што не е навреме извршено замена на кадрите кои одат во пензија.