Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) смета дека 978 вработени во УЈП со нова систематизација биле распоредени незаконски во време на изборен период поради што донесе одлука да се покрене иницијатива за одговорност. Ваквата одлуката значи иницијатива до Јавното обвинителство за кривична постапка. Антикорупционерите ќе ги достават материјалите од предметот, а понатаму обвинителството ќе треба да утврди дали овде има простор за кривично гонење.

Според членот на Антикорупциската комисија, Сервет Демири, наводите од анонимниот подносител за прекршување на законските одредби во време на избори се основани затоа што „тоа се дејствија кои претставуваат ризик од корупција и политички влијанија во текот на изборниот процес“.

Станува збор за распоредувања во февруари и во март годинава, односно во текот на изборниот процес за претседателските и парламентарните избори одржани на 24 април и на 8 мај. Изборите беа распишани на 14 февруари од страна на тогашниот претседател на Собранието, Јован Митрески.

Во тој период, директорка на УЈП беше актуелната пратеничка Сања Лукаревска, која смета дека не бил прекршен Законот бидејќи важноста на тие договори за распоредувања е од 14 февруари. Станува збор за  распоредување на вработени кои биле со статус државен службеник и вработени кои вршат помошно-технички работи.

Според тоа што беше презентирано на седницата на Антикорупциска, за случајот постапиле и надлежни инспекторати кои исто така ги утврдиле неправилностите.