На 4 август 1903 година во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници свечено дочекан од народот, пред кој началникот на Штабот, Никола Карев, одржал револуционерен говор, прогласувајќи ја првата македонска народна република и го повикал народот да избере привремена влада.
Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот.
На истиов овој ден во 1903 година, пак, во кичевското село Карбуница се водела една од најкрвавите востанички битки за време на Илинденското востание.
Кичевските востаници, потпомогнати од 150 демирхисарци на чело со војводата Јордан Пиперката, успеале да ги натераат турските сили да отстапат и долго време да не ја нападнат ослободената територија.
Во жестоката борба загинале 30 македонски востаници, а турската војска и башибозукот имале 120 мртви.
Една од најкрвавите битки во Илинденското востание во Кичевско се случила помеѓу селата Карбуница и Кладник во месноста Гурѓејца“ на 4 август 1903 година и претставува една од ретко успешните и добиени битки на востаниците на Илинден, кој успех силно одекнал во целиот битолски револуционерен округ.
По нападот на востаницитс на Кичево, турскиот аскер ги зајакнал своите позиции, како засилување им дошле војниците од гарнизонот во селото Ижиште и со силен напад се упатиле кон селото Вранештица, со цел да пробијат кон селото Слп и да се поврзат со војските од Демирхисарско. Турската војска наишла на силен отпор од селската чета од Вранештица, како и востаниците предводени од Арсо војвода. Во овие борби учествувале и селските чети од Брждани, Белица, Јудово, Кладник и Видрани. Во овие борби се борела и манастирската чета што ја водел младиот поп Стојан од селото Подвис. Востаниците имале успех и го принудиле аскерот да се повлече кон градот. Во тие борби војводата Арсо, минувајќи низ селото Староец, една аскерска заседа го ранила во ногата, но тој храбро ги продолжил борбите.
Битката кај Гурѓејца востаниците скапо ја платиле давајќи над 30 загинати борци од кои 17 загинати претежно од демирхисарско. Селаните од Кладник ги закопале во дворот на црквата, каде денес на надгробната плоча се испишани имињата на борците кои ги дадоа своите животи за Македонија. На третиот ден по битката во селото Белица дошол членот на Главниот штаб, Борис Сарафов, кој се сретнал со Арсо Војвода и со селските реонски војводи, на кои им изразил благодарност за пожртвуваноста на борците во оваа битка.
Турскиот аскер скоро три седмици не се појавил на теренот во Горна и Долна Копачка. Во тој период се вратиле сите селани, жени и деца кои биле во збегови во шумата, почнало да се собира летината и да се собере нешто за претстојната зима.
(Подготви: Д.Г.)