Премиерот Христијан Мицкоски денеска оставари средба со косовскиот колега Албин Курти кој е во посета на официјално Скопје. Мицкоски истакна дека имале конструктивна средба во пријателска атмосфера на која ги отвориле сите прашања коишто се важни за односите на двете држави, на двете влади, народите.

-Тоа е нешто кое е од суштинско значење за нас. Како нова влада, нашата цел е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи, на принципот на двонасочна улица. Исто така, ја истакнавме потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, нешто кое што е многу важно. Во овој момент, според последните податоци од Државниот завод за статистика, е дека размената за 2023 година е на ниво на половина милијарда евра. И не гледам причина зошто со напорите на двете влади таа размена да не е уште поголема. Со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот кој што ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец кој што ќе ги поврзе Тетово и Призрен, и така натаму, приоритети кои што се многу важни. Истовремено, ги отворивме и темите коишто за двете држави на политичко ниво се важни. Последното случување коешто се случи на 2 Август со претседателката на Косово и исто така од страна на присутните беше истакнато дека според информациите кои што го добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови, и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека јас не го користам туку го користам делот како и сите граѓани, истакна Мицкоски.

Додаде дека ваквата ситуација не сакаат да се повторни и лично истакнал дека претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани на Косово.

-Лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да ја пречекам како домаќин на аеродромот, и заедно со мене, додека не отпатува од Скопје ја придружувам во времето во кое што таа ќе го помине на скопскиот аеродром, за да избегнеме ваков тип на инциденти. А посебно однесување на поединци, што е наш домашен проблем, кој што ние ќе си го решаваме, нагласи Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека добрососедските односи се двонасочна улица, а со Косово сакаат да имаат исклучително плодни и искрени добрососедски односи.