Вкупно 50 тендери за само 10 дена. Раководството во заминување во РЕК Битола склучило рекорден број договори по распишани тендери.

И овојпат, омилена компанија на РЕК е Марковски Компани. Од сите 30 тендери за ремонти, тие добиле шест набавки во вкупна вредност од 6 милиони евра. Оваа фирма се поврзува со сомнителни тендери токму во овој комбинат. Компанијата на белорускиот почесен конзул  во предизборниот период „ќари“ тендер тежок над 4.8 милиони евра за изнајмување на багери, камиони и помошна механизација. Минатата година Марковски компани  доби неколку тендери. Во јавноста остана запаметен оној од фантастичните 46 милиони евра од ЕСМ  за Ископ на јаглен и јаловина, а неколку дена претходно  за истата намена се „офајдија“ со тендер од скоро 25 милиони. Компанијата ги добива тендерите во РЕК во последниве 5 години.

Над 9 милиони евра сега треба да плати енергетскиот комбинат, за 30-те склучени договори за една недела во јули, или поточно од 16-ти до 22-ри јули. Парите треба да се дадат за специјализирана работна рака за ремонти на трите блока во РЕК. Симптоматично е што сите тендери биле распишани наеднаш, во краток временски период и во брзање поради претстојната промена на раководството на комбинатот. Точно е дека ремонтите на блоковите секогаш се прават на лето, но не наеднаш, туку еден по друг, за да може непречено да се одвива производниот процес, пред почетокот на грејната сезона. Освен тоа, РЕК Битола има две илјади вработени, па нејасно е зошто морало да се распишат толку многу огласи за дополнителни услуги од други фирми.

Другите компании морале да се „задоволат“ со помали суми. А тие се, 1,6 милиони евра за скопската компанија Спектар Термо. Битолски „Монтинг“ доби три тендери во вредност од 1,52 милиони евра. Скопски ЕЛ-ТЕ доби пет тендери во вкупна вредност од 1,34 милиони евра. Два тендери доби компанијата „ЈУ СМ“ од Брвеница во вредност од 0,9 милиони евра. Останатите пари отишле кај уште десетина домашни компании.

Сомнеж на криминални активности во РЕК Битола изрази премиерот Христијан Мицкоски. Тој побара од Јавното Обвинителство веднаш да ги испита случаите во РЕК, кои според него, се синоним за криминал и корупција. Премиерот во неколку наврати повтори дека не е само РЕК, туку претходната власт направила бројни злоупотреби во многу државни институции, органи, јавни претпријатија. Тој ги обвини СДСМ и ДУИ дека направиле криминал од епски размери и дека оставиле огромна дупка во државната каса.