Министерката за образование, Весна Јаневска, нема намера да и исплаќа пари на Данела Арсовска, иако до нив стигаат фактури од Град Скопје. Според Јаневска, нема основ како тоа да се направи, а на градоначалничката и најави дека ќе мора да се видат на суд.

„Не знам дали градоначалничката планира со други средства да го исплаќа долгот. Точно е дека во МОН стигнаа фактури за огромни средства, за кои Град Скопје тврди дека сме должни да ги исплатиме за бесплатниот превоз. Ние немаме спогодба со Град Скопје, нема основ за исплата на тие средства. Ако не се најде поинакво решение, ние за овие средства ќе мора да одиме на суд. И тоа така ќе биде. Повторувам, нема спогодба, нема основ за исплата на средствата“, рече Јаневска.

Јаневска додаде дека Владата и таа како министерка, не ветувале бесплатен превоз за сите, па ја префрли одговорноста кај Данела Арсовска.