Африм Гаши, претседателот на Собранието нагласува дека целата ситуација со приватното патување во Косово не е резултат на намерен обид за оцрнување или елементарно непознавање на нештата за толку прости работи, колку што е резултат на невиден отпор да се прифати еден поинаков профил на претседател на Собрание.
-Се појавија неосновани тврдења дека злоупотребувам службени возила, и покрај тоа што сум обврзан со закон да бидам постојано обезбедуван и за време на службените должности и при приватно патување. Кога овие тврдења се гледаат изолирано, тие навидум може да изгледаат како тенденции за прикажување инциденти. Сепак, верувам дека тие се симптоми за едно подлабоко прашање, кое е присутно со години. Сето ова ми дава за право да разберам дека оваа ситуација не е резултат на намерен обид за оцрнување или елементарно непознавање на нештата за толку прости работи, колку што е резултат на невиден отпор да се прифати еден поинаков профил на претседател на Собрание, кој по 22 години промовира различни вредности од тоа што било претходно. За нивна жал, нивниот век заврши на 8 мај, вели Гаши во интервју за неделникот „Фокус“.
Тој рече дека за разлика од некои други, нема злоупотреба на позицијата за лични или семејни придобивки, и дека ниту еден од неговите членови на семејството не е вработен во државни институции.
-Мојот избор за претседател на Собранието беше поддржан од сите коалициски партнери, а мојот професионален интегритет е нешто со што се гордеам, без разлика дали го ценат сите. Проблемот што некои кругови го имаат не е со моите квалификации, туку со фактот дека јас претставувам нов профил на носител на функција во оваа земја. Како претседател на Собранието, врз себе носам минато како правник, уредник, долгогодишен граѓански активист и десетгодишно политичко искуство. Мојот избор беше заснован на заслуги, а не на сомнителни зделки или врски. За разлика од некои други слични политички експоненти, јас немам членови на семејството на високи државни позиции, кај мене не може да најдете ниту еден случај на злоупотреба на позицијата за лични или семејни придобивки…, посочува спикерот Гаши.