Страшо АНГЕЛОВСКИ
Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на наредбата со која Борис Џонсон беше испратен во Киев за да го спречи веќе потпишаниот мир меѓу Москва и Киев, на самиот почеток на Специјалната воена операција, со што ќе беа избегнати веќе речиси илјададневните страдања на украинскиот и рускиот народ.
Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на тенковите Абрамс со кои украинската војска навлезе на руската територија кај Курск, со единствена цел да ги спречи можните преговори за мир, кои стануваа се’ поизвесни, а за кои веќе се залагаа сите засегнати во светот.
Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на секое парче оружје и муниција испратени во Израел, со кои се врши геноцид врз цивилното население во Газа. Со неговиот потпис се убиваат жени, деца, старци, доктори, хуманитарни работници… се уништува еден народ.
Потписот на американскиот претседател Бајден се наоѓа на наредбата доставена до соработникот на ЦИА, грчкиот патријарх од Цариград, Вартоломеј, кој интензивно работи на уништување на Македонската и Украинската Православна Црква, а со тоа, на уништување на “најголемиот непријател на западната демократија – православието“, како што рече Карл Билд во 2014-та.
Токму заради овие потписи, заради потписите на смртта, потписите на уништувањето, потписите на страдањата, американскиот претседател Бајден доби петминутни овации на конвенцијата на американската демократска партија, а кандидатот на демократите Камала Харис, петминутен завет дека ќе ги продолжи неговите крвави политики. Пет минути овации – пет минути срам за САД, пет минути гадење за остатокот од светот, пет минути најава за уништување на човештвото, пет предолги минути за секој кој сака да размислува…
НОВАТА “МИСИЈА“ НА ДИРЕКТОРОТ НА ЦИА
Истовремено, со потписот на американскиот претседател Бајден, во посета на таканаречениот Западен Балкан се наоѓа директорот на ЦИА, Вилијам Барнс. Нормално, според него, “во мисија на спречување на дестабилизација на регионот“, бидејќи во извештајот на ЦИА стоело дека “Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“.
Па, бидејќи веќе се наоѓаме во последната третина од годината, ЦИА, загрижена дека можеби токму од нејзе планираната “дестабилизација на регионот“ преку “локализирано меѓуетничко насилство“ нема да се случи, преку својот прв човек одлучи да се врати “на местото на злосторството“, да го собере стариот “оркестар за погреби“ од времето на деведесеттите и, да овозможи реализација на наведеното во последниот годишен извештај на ЦИА. А во него децидно стои дека “националистичките лидери најверојатно ќе ги влошат тензиите во своја политичка корист…“ и дека “…би ги загрозиле американските стратегиски интереси во регионот“
Се’ започна во мај годинава, кога на предлог на Германија и Руанда се гласаше за Резолуцијата за Сребреница, во обид Република Српска, единствениот вистински чувар на Дејтонскиот договор, да биде прикажана како геноцидна творба и да се пристапи кон нејзино дефинитивно укинување. Па, од страна на босанските власти, кои, спротивно на Дејтонскиот договор, а заради укинување на српскиот ентитет и создавање српско малцинство во БиХ, инсистираат на укинување на Република Српска, на првиот човек на ЦИА му било пренесено дека постојат “извесни антидејтонски политики“ од страна на првите луѓе на Република Српска. Повеќе од јасно е дека евентуалниот обид за насилно укинување на Република Српска (гарантирана со Дејтонскиот договор), би бил повод за нова војна на се’ уште незалечените БиХ простори.
Следуваа “самоиницијативните“ потези на Албин Курти за целосно заострување на односите меѓу Косово и Србија, укинување на речиси сите права на Србите на Косово, што ситуацијата може да ја направи неподнослива и да предизвика реакција на Србија, како повод за нова војна во се’ уште незалечените односи.
И конечно, секојдневните закани на челниците на ДУИ и Али Ахмети кон натамошното постоење на македонската држава доколку нивните терористичко-криминални структури не се наоѓаат во власта, или, не дај боже, одговараат пред правосудните органи на државата за криминалите што ги сториле. Или, писмото што Блерим Хисени, директор на државна Агенција, му го упатил на Албин Курти, со барање тој “да се вмеша во внатрешните работи на македонската држава“ и “да дејствува веднаш, пред да биде предоцна“, бидејќи “ова што се случува денес со Албанците во Македонија, не се случило ниту пред “славната“ војна на УЧК во 2001 година“.
Некако случајно, во исто време, со иста реторика и со исти активности, се појавуваат старите “подизведувачи“ на валканите работи во стратегијата на ЦИА, а нејзиниот директор доаѓа на овие простори.
СЛЕДУВА ЛИ РЕПРИЗА НА ДЕВЕЕСЕТТИТЕ?
За да ја разбереме активноста на директорите на ЦИА од нејзиното формирање до денес, вклучително и на Вилијам Барнс, ќе цитирам извадок од Директивата на Службата за безбедност на САД (подоцна преименувана во ЦИА), број 20/1 од 18 август 1948 година. Во неа стои:
“Ние мора да имаме автоматски гаранции кои обезбедуваат дека дури и некомунистички и, номинално пријателски режими кон Русија, во иднина нема да располагаат со никаква воена моќ, во економските односи целосно да зависат од надворешниот свет, да немаат сериозна власт над главните национални малцинства… Во случај, таквиот режим да воспоставува непријателство кон комунистите (Русија), а пријателство кон нас, ние мораме да се погрижиме, и покрај тоа, овие услови да му бидат наметнати. Ние мораме, ако не милум, тогаш со сила да ги придобиеме заради заштита на нашите интереси…“
И, доколку знаеме дека врз основа на вакви и слични Директиви, дека врз основа на Стратегијата за уништување на православието, од времето на првиот директор на ЦИА, Ален Далес, човек кој длабоко ги мразел Русија и православието, па се до денес, САД ја градат својата надворешнополитичка стратегија и, дека досегашните појавувања на кој и да е директор на ЦИА на која и да е точка на светската карта, значело скорешно започнување на воени судири токму на тој простор, мораме да бидеме вознемирени.
Откако со методи непознати дури и за нацизмот, се укина правото на вероисповед во Украина, со укинувањето на Украинската православна црква, останува малиот простор на таканаречениот Западен Балкан каде православието суштествувајќи во својот изворен облик, ги штити традиционалните вредности.
Доаѓањето на директорот на ЦИА дава сомнеж дека во својот оркестар ги прибира своите стари соборци – муџахедините во БиХ, борците на ОВК на Косово и, терористите на Ахмети во Македонија, оние кои пред повеќе од 20 години ги сквернавеа и уништуваа православните светилишта на овие простори.
Би сакал да не сум во право, но, како да се подготвува “конечно решение“ за Балканот, кое би требало да помине релативно незабележано и во сенка на големите судири во Украина и на Блискиот Исток. Решение за проблемот на ЦИА со православните држави, решение за проблемот со чуварите на традиционалните вредности, во кое решение Македонија повторно би била “колатералната штета“.
Но, бидејќи, нели, НАТО ќе не брани, мојов текст за многумина ќе претставува вистинска ерес.
(авторот е претседател на МААК)