Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика западните сојузници да ги игнорираат црвените линии на Москва и да му дозволат на Киев да користи оружје со долг дострел за напади на руска територија, а Вашингтон му вети на Киев дополнителни 250 милиони долари оружје.
Зеленски првпат се појави на редовен собир на украинските сојузници организиран од САД во воздухопловната база Рамштајн во Германија. Тој се обиде да ја претстави опцијата за напади од долг дострел како уште еден начин да се изврши притисок врз Русија да стави крај на две и полгодишната инвазија.
Тој зборуваше во време на висок ризик за украинските сили, кои почнаа ненадејна офанзива во рускиот регион Курск, а руските сили се фокусирани на заземање на источниот украински град Покровск, клучен логистички центар за воените напори на Киев.
„Мораме да имаме способност од долг дострел не само на окупираната територија на Украина туку и на руската територија за Русија да биде мотивирана да бара мир“, рече Зеленски.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја посочи офанзивата во Курск како пример за тоа како Украина работеше за да преземе иницијатива на бојното поле. „Агресорската армија на Кремљ сега е во дефанзива на свој терен“, рече Остин.
Сепак, се чини дека забелешките на Остин се насочени кон пошироките напори на Западот за одржување на кампањата на Украина за одбивање на руските сили од нејзината територија, вклучително и најавата за дополнителна безбедносна помош од 250 милиони долари.
Германија ќе ѝ испорача на Украина дополнителни 12 самоодни хаубици, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, на маргините на состанокот на таканаречената група земји Рамштајн, кои го снабдуваат Киев со оружје.
Зборувајќи со новинарите во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија во петокот, Писториус рече дека хаубиците ќе доаѓаат од индустријата, а не од воените резерви на земјата.
„Злобата на Путин навлегува длабоко. Москва ја продолжува својата офанзива во источна Украина, особено околу Покровск“, рече Лојд Остин. „Путин ги преместува своите војници во Курск, а Кремљ продолжува да ги бомбардира украинските градови и да ги напаѓа украинските цивили“, додаде тој.
Остин презентира статистика за загинатите во војната и рече дека се проценува дека повеќе од 350.000 руски војници биле убиени или ранети. Тој рече дека украинските сили потонале, уништиле или оштетиле 32 брода на руската морнарица и ја потиснале руската црноморска флота кон исток.
Зеленски рече дека околу 6.000 руски војници биле убиени или ранети во украинската офанзива на Курск. „Денес, контролираме површина од повеќе од 1.300 квадратни километри во областа Курск, која опфаќа 100 населени места“, рече Зеленски додавајќи дека руските сили напуштиле голем дел од таа територија. „Тие побегнаа кога ги видоа нашите сили како се приближуваат“, рече Зеленски.
Од друга страна, Москва ги гаѓа градовите во Украина со проектили и беспилотни летала и ги изврши некои од најголемите напади од почетокот на војната. Украинскиот претседател ги повика претставниците на десетина земји на разговорите во Рамштајн да ги исполнат своите ветувања за снабдување на Киев со дополнителна опрема за одбивање воздушни напади. „Значаен број системи за противвоздушна одбрана сè уште не се испорачани“, предупреди Зеленски.