Лидерот на Севрна Кореја Ким Џонг Ун имал средба со поранешниот министер за одбрана на Русија и актуелен секретар на Советот за безбедност, Сергеј Шојгу, на која се разговарало за зајакнување на соработката меѓу двете земји со цел да се одбранат „заедничките безбедносни интереси“, јави денеска севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Ким Џонг Ун на средбата истакнал дека Северна Кореја ќе продолжи да ја проширува соработката со Русија во согласност со стратешкото партнерство на двете земји.

САД и Украина, како и независни аналитичари, тврдат дека Северна Кореја и помага на Русија во нејзината инвазија на Украина со тоа што и испорачува ракети и проектили во замена за економска и друга воена помош од Москва.

Москва и Пјонгјанг ги негираа обвинувањата, но истакнаа дека ќе ја зајакнат воената соработка и потпишаа сеопфатен договор за стратешко партнерство на самитот во јуни.

Шојгу, кој до мај беше министер за одбрана, а сега е секретар на Советот за безбедност, со посетата на Пјонгјанг во јули минатата година, навести почеток на поблиски врски меѓу Северна Кореја и Русија.