Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека како врховен командант и претседател на Републиката ја потпишал согласноста за вршење на редовен воен рок од 75 дена, јави дописникот на МИА од Белград.
-Сакам да верувам дека Владата на Србија ќе ја донесе таа одлука. Сакам да верувам дека сите разбирате колку ни треба силна армија, уште колку оружје ќе треба да купиме, да правиме, да создаваме. Затоа што не е наша желба да нападнеме некого. Ниту ќе го направиме тоа. Но, нашата желба е да ги одвратиме сите оние кои секојдневно ни се закануваат, рече Вучиќ во обраќањето на свеченото унапредување во првиот офицерски чин на 177 питомци на Воената академија.
Вучиќ неодамна изјави дека државата размислува да воведе воен рок во траење од 60 плус 15 дена, кој би бил задолжителен за мажите, а жените ќе можат доброволно да служат.
Вчера премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека апсолутно го поддржува враќањето на задолжителниот воен рок и дека Владата на Србија е подготвена, доколку се постигне политички и општествен договор, многу брзо да донесе ваков предлог-закон и да го поднесе до собранието на усвојување.
-Владата е подготвена многу брзо да оди со тој предлог до Народното собрание и кога ќе бидат исполнети логистичките и административните услови да започне со него во 2025 година. Јас како премиер и целата влада силно го поддржуваме она што претседателот (Вучиќ) го најави, а тоа е дека сериозно се приближуваме кон евентуалното донесување правен акт за укинувањето на суспензијта на воениот рок, рече Вучевиќ.