Пациент на 78 годишна возраст од кочанско Облешево, заболел од западно-нилска треска, па починал само една недела откако бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС).
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека ова е прв смртен случај во земјава од оваа болест, а четврти евидентиран случај на заболен.
Според нив, симптомите кај пациентот започнале на 9-ти септември, а се манифестирале со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C.
-Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10 септември со возило од Итна медицинска помош е испратен во болницата во Штип, каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи. Потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација, информира ИЈЗ.
ИЈЗ информира дека податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот и од медицинската документација од КБ Штип и инфектолози.