Најголеми опасности за светската економија во 2019 година се сметаат трговските војни, Брегзит и состојбата со цените на нафтата.
Во врска со светските трговски војни, експертите посебно се осврнуваат на односите меѓу САД и Кина. На 2 декември лидерите на Кина и САД се согласија да го прекинат процесот на меѓусебни трговски несогласувања. Конкретно, кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот американски колега Доналд Трамп детално ја разгледаа ситуацијата околу кинеско-американските односи.
Се очекува двете страни да постигнат договор за клучни прашања, како на пример зголемен пристап до пазарот, заштита на интелектуалната сопственост, отстранување на ограничувањата за извоз на современи технологии, гарантирање на кибербезбедноста и борба против киберкриминалот.
Во случај да не се најде решение за ситуацијата во следните три месеци, Вашингтон вети да ги зголеми сегашните тарифи од 10 отсто за широк список од кинески производи до 25 проценти. Доколку САД воведат царина на увоз за сите кинески стоки, тогаш бруто домашниот производ на Кина може да се намали за 1,5 отсто следната година, а глобалната економија целосно до пет проценти, тврдат експерти.
Други ризици аналитичарите гледаат во економската ситуација во Италија. Кон крајот на октомври ЕК побара од Италија да го прецизира предлог-буџетот за 2019 година. Во јуни ЕК и порача на Италија да го намали буџетскиот дефицит за 0,6 отсто од БДП во споредба со оваа година, додека предлог-буџетот на Италија, кој беше претставен на ЕК во октомври, предвидува зголемување на дефицитот за 0,8 – 0,9 проценти преку проширени социјални програми. И покрај тоа, италијанската Влада го остави непроменет прогнозираниот буџетски дефицит за 2019 година, корегирајќи само дел од показателите во проектот.
Опасност за економијата следната година претставува и Брегзит – излезот на Велика Британија од ЕУ. Кон крајот на минатиот месец лидерите на ЕУ го изгласаа договорот со Британија за Брегзит и усвоија политичка декларација за идните односи со Лондон. За да стапи во сила, договорот треба да биде одобрен од Европскиот парламент и британските пратеници.
Британскиот Парламент треба да гласа на 11 декември. Самиот излез од Унијата е предвиден за 29 март 2019 година, по што, според планот, треба да има транзициски период кој ќе трае до крајот на 2020 година. Експертите сметаат дека ако Велика Британија ја напушти ЕУ без договор (т.н. „тежок брегзит“) тогаш економијата на Обединетот кралство ќе се намали за околу седум отсто до 2030 година во споредба со останатите членки на ЕУ. Истовремено, дури и ако се постигне зделка по Брегзит, која ќе вклучува членство на земјата во царинската унија на ЕУ до 2030 година, БДП на Обединетото кралство ќе се намали за околу три проценти.
Меѓу останатите ризици за светската економија во 2019 година експертите ги наведуваат состојбата со цените на нафтата, како и претстојните избори во неколку големи земји следната година.