Американски федерални агенти утрово извршија рација и ја претресоа резиденцијата на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, откако тој е обвинет за пет кривични пријави, вклучително измама, поткуп и барање за нелегални странски донации во кампањата.

Црн џип со натпис „Федерална полиција“ бил паркиран пред резиденцијата на градоначалничкот во населбата Апер Ист Сајд на Менхетен, објави Ројтерс повикувајќи се на свој сведок. Тој додаде дека десетина луѓе со актовки и чанти влегувале и излегувале од резиденцијата на Адамс.

Портпаролот на канцеларијата на американското обвинителство на Менхетен, кој ги подигна обвиненијата, одби да го коментира случајот откако Њујорк Тајмс и другите медиуми објавија дека големата порота ги обвинила, наведувајќи ги како извори неименувани лица запознаени со случајот.

Адамс, демократ кој би можел да стане првиот од 110-те градоначалници на Њујорк кој ќе биде кривично обвинет додека е на функцијата, во видео порака доцна синоќа рече дека обвинението е „целосно лажно, засновано на лаги“.

Во видео пораката, Адамс вети дека ќе остане на функцијата додека ја докажува својата невиност, пркосејќи им на повиците на демократските политичари да се повлече.

„Знам дека сум невин. Ќе побарам итно судење за њујорчаните да ја слушнат вистината“, изјави Адамс.

Случајот веројатно ќе ја искомплицира евентуалната кандидатура на Адамс за реизбор во 2025 година.

Пред да се објави веста за обвинението, американската конгресменка Александрија Окасио-Кортез, исто така демократка, стана првиот член на Конгресот која го повика да поднесе оставка, велејќи дека тоа ќе биде „за доброто на градот“.

Тајмс, повикувајќи се на налог за претрес на станот, објави на почетокот на ноември 2023 година дека федералните власти ја истражуваат можноста дека изборната кампања на Адамс во 2021 година добила нелегални донации, вклучително и од турската влада.

Истрагата, спроведена од канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен, се фокусира на тоа дали кампањата на Адамс заговарала со градежна компанија од Бруклин за нелегално да прима странски пари преку неа, пишува Тајмс.

Според Тајмс, властите побарале и информации за врските на Адамс со Израел, Кина, Катар, Јужна Кореја и Узбекистан. Шеесет и четиригодишниот Адамс, поранешен полицаец кој се искачи во чин капетан, постојано негира дека сторил нешто лошо и рече дека соработува со истражителите.