Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повторно повика на прекин на огнот во Либан и Газа додека Израел го напаѓа Хезболах во Либан, вклучително и неговиот воен штаб во јужните предградија на Бејрут.
„Најважно е прво да се обидеме да ги натераме двете страни да престанат да пукаат и да го искористиме времето за време на таквото примирје за да видиме дали може да се постигне поширок дипломатски договор“, рече Блинкен на прес-конференција.
Тој додаде дека САД сè уште веруваат дека е можно дипломатско решение на Блискиот Исток.
„Можеби во овој момент е тешко да се види дипломатскиот пат, но според нас тој е неопходен. Ќе продолжиме интензивно да работиме на тоа“, рече Блинкен.
Тој истакна дека САД ќе ги преземат сите неопходни мерки доколку нивните интереси бидат нападнати на Блискиот Исток, каде што се разгорува насилството.
„САД ќе ги преземат сите неопходни мерки за заштита на американскиот персонал и американските интереси во тој регион“, рече тој.
Израел вчера го бомбардираше седиштето на Хезболах во предградијата на Бејрут, а потоа изврши уште напади врз Бејрут, а Хезболах го нападна Израел со ракети.
Фото: МИА архива