Илјадници луѓе протестираа денеска во Мадрид барајќи попристапни станови поради зголеменото незадоволство кај Шпанците поради високите цени за изнајмување.

Под слоганот „Домувањето е право, а не бизнис“, жителите маршираа низ шпанскиот главен град барајќи пониски цени за изнајмување и подобри услови за живот.

„Шпанците не можат да живеат во своите градови. Нè принудуваат да ги напуштиме градовите. Владата мора да ги регулира цените, да го регулира пазарот на недвижности“, рече Бланка Прието, 33-годишна медицинска сестра.

Во јули, шпанската влада најави рестрикција на краткорочните и сезонските изнајмувања. Владата планира да ги истражи рекламите на платформи како Airbnb и Booking.com за да провери дали имаат лиценци.

Шпанија се обидува да најде начини да ја балансира промоцијата на туризмот, кој е клучен двигател на нејзината економија, со проблемот со неразумно високите кирии предизвикани од гентрификацијата и префрлањето на сопствениците на имот кон попрофитабилните туристички изнајмувања.

Денеска демонстрантите на одвоениот протест во Барселона против одржувањето на едриличарската трка на Купот на Америка го обвинија тој меѓународен спортски настан за поскапувањето на цените на изнајмување и доаѓањето на уште повеќе туристи во и онака пренаселениот град.

Жителите на Канарските Острови и Малага исто така организираа протести оваа година поради зголемената преориентација на сопствениците на имот кон туристичко сместување.

Сезонските работници во угостителството тешко наоѓаат сместување во овие туристички центри, па многумина спијат во камп приколки или дури и во автомобили.