Јованка КЕПЕСКА

Од голема важност е точно да се „именуваат“ поставките што ја определуваат македонската држава. Затоа што тогаш ќе бидат јасни и назнаките со кои се потврдува македонскиот карактер на државноста и, јасно, би се одржала нејзината стабилност. За да се исполни пристапот потребно е почитувањето на теоретската или мисловната основа на аспектите на македонската државност со оглед на релацијата на нејзиното создавање и опстој со македонскиот народ.

Меѓу моментите што го оневозможуваат таквиот пристап е, секако, опстојувањето на стариот мисловен приод кон прашањата од сферата на националните прашања. И потврда дека е нужно критички да се расчистат и надминат идеологизираните приоди кон националните прашања кои, на жалост, варираат од тезата дека нацијата е остварена задача со заведениот социјалистички политички систем така што не може да се проблематизира сушноста на македонската нација според потребите на македонскиот народ; тезата за регионалните јазици која произлегуваше од претпоставката дека малите нации ќе исчезнат и ќе се стопат (присутен во југословенизмот, и идеата на анационалниот Југословен); тезата за националната култура дека се создава само врз основа на литературниот јазик со што се изврши дистанца од народната култура и значењето на минатото на македонскиот народ во создавањето на македонската култура и во однос на јазикот и на правецот и концептот на нивниот понатамошен подем.

Јасно е дека, во основа, недостасува приемот на релевантните теоретски познавања од етничката, националната и државната проблематика што беше причина и за наметнување на лошите политички одлуки за внатрешната организација на нашето општество и за неопстојување на националните интереси во меѓудржавните односи во непосредното минато. Одлуки кои реално го дезориентираа и го проблематизираа нашиот развој.

При таа несредена состојба во националната проблематика, денес, додатно влијаат за непосакувана стабилност и подем, употребените синтагми со кои се определуваат македонската држава, македонската нација, и македонската култура. Иако, можеби и смислено за да се оствари непосакуван правец. Еве, на пример, се промовира мултикултурен мозаик, мултиетничка држава, мултинационална држава. Иако не постои мултикултурен мозаик туку е македонска култура која не е омнибус, механичко спојување на култури туку е македонска култура создадена во истоветен општествен амбиент која има динамичност и со оглед на внатрешните влијанија. На пример би навеле, дека дијалектите, обичаите, менталитетот, Ромите  ги создаваат и со оглед и на природниот и на општествениот амбиент во Македонија и во меѓусебното влијание со македонскиот народ. Како што, впрочем, и другите национални малцинства кои покрај тоа што ги имаат културни релации со своите национални матици  внатрешни идентификациони културни влијанија. И со оглед на што се претпоставува припадноста на македонската култура и, од своја страна се остварува кохезивноста на македонското општество.

Со наметнатата употреба на „мултиетничка држава“, пак, директно се превидува македонскиот карактер на државата и води кон нејзина деструкција а со именувањето на македонската држава како „мултинационална“ пледирајќи, свесно или несвесно, на составени нации, што значи на различни политички целини, на пледирање за потполно губење на македонскиот карактер на државата. Иако мултиетничко општество постои во сите држави во светот но карактерот на државата е еднонационален и според тоа се определуваат другите изведници.

И јасно е зошто ваквите непретпазливи, или, можеби, намерно, срочени именувања ја разнишуваат свеста за постојноста на македонската држава,  рушејќи ја нејзината внатрешна кохезивност и за непосакувани намери. Токму поради содржаната дезориентација го оневозможуваат потребниот приод за сопствена понатамошна идентификација со македонската држава што би се очекувало и како нејзина пројава во културниот развој и за  придонесите во светската ризница на вредности или во универзалните вредности. Оние кои како македонски вредности УНЕСКО ги препознава и ги заштитува кај нас. Како што на патот на создавањето и препознавањето на лауреатите и на вередностите ние треба да опстоиме трајно.

Се однесува и на припадноста на двајцата нобеловци од Македонија и на други такви вредности кои се третираат само етнички но не и државно. Иако, во другите држави, не случај. Така што, од тројцата нобеловци во Хрватска, сите, освен хрватско потекло немаат целосен животен век во Хрватска, а еден има придонес во културниот идентитет на друга држава, нив Хрватска ги обележува како хрватски (државно). Во Србија, како што покажуваат податоците, иако со хрватско етничко потекло поради касниот придонес за културната идентификација на Србија, го прифаќа за српски (државно).

За нашиот пристап за ориентација за овие прашања, во ЕУ не само што стојат теоретски, или поточно, филозофски, од најдобрата европска традиција, претпоставки што потоа се преточени во различни научни сознанија, и пишани трудови, туку тие стануваат претпоставка за правните акти и за политиката на ЕУ. Ставовите за националната проблематика во теоретската основа врз која се практицира во ЕУ можат да се препознаат и преку критиката од различни европски институционални нивоа и во ова ова време, на нашите правни и политички решенија, на пример, за балансерот, при одлуките на Меѓународниот суд на правдата како за Македонија така и за состојбата на македонските малцинства во другите држави, и со други. Што секако ја развива нашата свест за релациите што треба да се воспостават на државата во однос на македонскиот народ и култура.