Дарко ЈАНЕВСКИ

Да сум на место на Бугарите, наместо нивниот влез во Уставот на РМ, повеќе би ме загрижувало тоа што во четвртокот и петокот, кога почнуваше продолжениот викенд во Македонија, непрегледни колони автомобили имаше на Богородица и Табановце, а на Деве Баир беше празно. Исто беше и синоќа, само во обратен правец – колони за влез во Македонија, посебно на Евзони. Па прашањето е – зошто Македонците масовно одат во Грција и Србија при секој слободен ден, а Бугарија ја одбегнуваат? Ајде, да кажеме дека Солун е на море, па е попривлечен од Софија, ама Србија? Ниш и Врање наместо Софија?

А се што треба да се направи е еден добар автопат. Една добра поврзаност на Скопје со Софија. Небитно е дали Македонија го сака тоа. Битен е делот на патот од македонско-бугарската граница до главниот град на соседот. Ми се чини, денес тоа е многу побитно отколку дали Бугарите ќе влезат во Уставот сега, веднаш, или тоа би се случило кога ќе станеме членка на ЕУ. Ете, Грците дури и името ни го сменија, но и тоа не е доволна причина за да ги одбегнуваме, наспроти Бугарија во која сега никој не сака ни да примириса. Макар до Ќустендил. Прашањето на кое Радев и бугарската политичка елита треба да одговорат е – зошто е тоа така?

Кога сме кај Бугарите, да ја споменеме и кампањата што со денови се води против министерката Сања Божиновска за нејзиниот бугарски пасош. Да бидам искрен, тоа што мене ме интересира, не е дали таа има бугарски пасош, како што не ме интересираат ни пасошите на 100 000 други Македонци, туку дали ќе успее да создаде услови за струјата да не поскапи на 1 јануари наредната година, како што наголемо се најавува. Во Македонија, во која 90 отсто од домаќинствата немаат парно греење зашто државата тоа не им го овозможила, како што е тоа случај со сите други европски земји – и на исток и на запад, во која 90 отсто од населението е зависно од струјата, па еден дел од нив, во 21 век се греат на дрва, а другите, најмалку 40 отсто од населението се греат на струја, нејзината цена и тоа како е клучен елемент во секојдневното зомби преживување на граѓаните.

Денес, во Македонија, токму поради цената на струја, за огромно мнозинство од граѓаните, да пуштиш машина за перење облека е луксуз, да се тушираш секој ден, во оваа наводно пиреј Македонија, исто така е луксуз. Тоа ли е држава која, демек, се стреми кон европски вредности?

Во 1944 година, шефот на британската мисија во Македонија Мек Доналд, во извештајот до Форин офисот, за населението во она што денес го нарекуваме „Македонија вечна“ запишал:

„Сиромаштијата е многу голема и селаните живеат во нечистотија од свињите и домашните животни како резултат на мрзеливост. Облеката е од најлошата. Нивниот живот е многу едноставен. Нивна единствена грижа е да обезбедат доволно храна за да се задоволат себе си и своите фамилии преку зимата.“

Осумдесет години подоцна, едвај дека сме напреднале малку повеќе. Сиромаштијата и денес е многу голема, речиси неподнослива, хигиената е луксуз, а единствена грижа на најголемиот дел од населението е да обезбеди храна. Не зборувам тука за оние неколку проценти кои секој продолжен викенд ги блокираат двата споменати гранични премини. Зборувам за другите, веројатно 90 проценти од населението. И во такви услови, наш најголем проблем испаѓа дека, меѓудругото, не е цената на струјата и стандардот, туку бугарскиот пасош на Божиновска. Бог да чува и да брани.

Наместо да се прави притисок кон Божиновска и Владата по секоја цена да се задржи сегашната цена на струјата и уште повеќе, да се прошири третиот тарифен блок кој сега опфаќа потрошувачка од 600 до 1000 кв на час по цена од 7 денари, на максимални 2000 или 3000 кв на час (што е реална потошувачка ако се греете на струја без да седи цела фамилија од три генерации во едно сопче од десетина квадратни метри), после што би почнувал четвртиот тарифен блок во кој цената на еден киловат-час е фрапантни за наши услови 16 денари, ние се занимаваме со пасошот на министерката.

Нека ја обезбеди Божиновска барем сегашната цена на струјата и нека издејствува зголемување на третиот тарифен блок од сегашните 1000 кв на час на споменатите 2000 или 3000 кв на час (бидејќи за Таче и компанија греењето на струја и одржувањето лична хигиена во домовите беше луксуз што го споредуваа со греење на базени на четата олигарски), па нека има десет бугарски пасоши!

Ама не, нас не интересира ова последново. Не не интересира и тоа што има министри со албански пасоши, не е проблем чешкиот пасош, не е проблем што имаше министри со американски пасоши – напротив тоа беше гордост, не е проблем српскиот пасош, ама бугарскиот пасош – е тој е проблем. Зошто? Заради потписот дека за да се добие бугарски пасош треба да се декларираш дека имаш бугарски корени? Па? 100 000 Македонци го направиле тоа заради економски причини. И? На пописот, од тие 100 000 испаднаа само 3 000 Бугари. Каде е тогаш вистинскиот проблем? И што значи тоа – дека никој од тие 100 000 Македонци со бугарски пасош или никој од тие 3 000 Бугари со бугарска самосвест не смее да биде министер во Владата? И уште еднаш, Бог да чува и да брани.

Дајте ни вие прифатлива цена на струјата за да може народот да се грее без стресови и да не трча да ја гаси секоја сијалица во другата соба кога некој ја заборавил, во крајна линија дајте му на народот можност да одржува лична хигиена, ееееј за лична хигиена зборуваме 80 години после оној извештај на Мек Доналд за македонските „селани кои живеат во нечистотија“ и носат облека од „најлошата“, па со здравје нека им се пасошите од друга држава на сите министри што ги имаат.

Инаку, Бубо Каров ја добил наградата 11 Октомври за животно дело. Алал вера на таа Комисија. Ако сакаше да ги девалвира другите добитници, како д-р Марко Китевски, на пример, кој исто така е добитник, кој е еден тивок, во сенка, великан на македонската наука, ако сакаше да ја девалвира самата награда, успеа во тоа. Срамен чин за кој не вреди да се трошат повеќе зборови.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ни соопштува дека поранешната влада местела тендери во РЕК Битола со Марковски компани. Не знам дали знаат, но вмровци добија доверба за да ги гонат тие случаи за кои тврдат дека се криминални, а не да ни испраќаат соопштенија или да држат прес конференции како се уште да се во опозиција. Патем, ако немале досега доволно време за да ги состават случаите на претходната Влада, имаа доволно време за да склопат случаи против претходните градоначалници на СДСМ и ДУИ за кои тврдеа дека се криминалци. Локалните изборите беа во 2011 година, а трите поминати години досега се сосема доволни за да се имаат подготвени предмети, сеедно што ВМРО-ДПМНЕ немаше министер за внатрешни работи во сето тоа време. Дали тоа што ниту еден поранешен градоначалник сега не е под истрага значи дека обвинувањата за нивен криминал биле лажни? И дали на ист начин ќе се извлечат и министрите на Заев и Ковачевски со нив на чело?