Цветановски: При влегување во зградата на МАНУ видов натписи за штрајкот во МАНУ. Ќе ве замолам за ваше видување на штрајкот.
Коцарев: Штрајкот на дел од вработените МАНУ веќе трае повеќе од еден месец и МАНУ се соочува со сериозни предизвици. Освен 32 вработени што го остваруваат своето уставно право на штрајк, голем број научни, уметнички, административни и други активности во Академијата ги реализираат 38 членови на МАНУ во работниот состав и вработените коишто не се на штрајк: Секретарот на Секретаријатот, 29 научни соработници (финансирани од Буџетот на Македонија и од сметката на буџет од самофинансирачки активности) и определен број привремено вработени (финансирани од теориски и применети истражувања, при што дел од тие истражувања се финансирани од меѓународни проекти).
Главниот проблем во МАНУ се малите плати на вработените во Академијата, а тоа може да се реши со Законот на МАНУ и со колективен договор. Сакам да подвлечам дека МАНУ и нејзиното актуелно раководство, по примерот на работењето и на претходните раководства, ги поддржува и им помага на вработените во институцијата и вложува континуирани усилби за решавање на ова прашање.
Законот за МАНУ, којшто, за жал, не е усогласен со новата методологија за пресметка на плати во областа на научноистражувачката дејност и на високото образование, а и на целокупниот јавен сектор, наметнува хибридна методологија за пресметка на плата (регулирана со интерни акти на МАНУ), бидејќи, во спротивно, висината на платата на дел од вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ би била под минималната плата, што е спротивно на Законот за минимална плата во Република Македонија.
Но, менувањето на Законот, и покрај сите аргументи и досегашни обиди, континуирано се доведува во прашање поради наметнатата и недокрај разјаснета употребата на „Бадинтеровиот принцип“. Во врска со употребата на „Бадинтеровиот принцип“, во Уставот е внесено дека:
„За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците, кои не се мнозинство во Република Македонија“.
Меѓутоа, Законот за МАНУ директно не ги засега културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите – МАНУ е врвна научна и уметничка установа во нашата држава: таа не е ниту образовна ниту културна институција. Додека за неадекватниот текст на Законот за МАНУ се знаат виновниците, прашањето за примената на „Бадинтеровиот принцип“ е отворено: дали овој принцип, кога станува збор за Законот за МАНУ, е политичка злоупотреба или се работи за нешто друго, одговорот, сепак, можеби треба да се бара во стенограмите од Собранието на Македонија.
Цветановски: Штрајкот е уставно право на сите вработени, но сепак, треба да се изнајдат решенија за надминување на сегашна состојба во МАНУ. Вашиот коментар во врска со ова прашање?
Коцарев: Во одговор на вашето прашање ќе подвлечам дека две работи.
Прво, штрајкот, според моето мислење, не треба да биде и, всушност, не е насочен кон 38 членови на МАНУ во работниот состав – тие не одлучуваат за платите вработените: сите закони во Македонија се донесуваат во Собранието на Македонија.
Второ, повикувајќи се на Законот за МАНУ, според кој „Академијата е јавна установа од особено значење за Републиката“ (член 2) и „Академијата воспоставува, одржува и развива меѓународна соработка во областа на науките и уметностите“ (член 3), и на Законот за вработените во јавниот сектор (член 32, став 3), според кој „При остарување на правото на штрајк вработените во јавниот сектор се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на институцијата и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните и на правните лица“, Синдикалната организација при МАНУ треба да го организира штрајкот на начин со кој ќе се овозможи минимум непречено извршување на функциите на институцијата. Тука ќе се задржам само на еден сегмент од нејзиното функционирање: извршување на функциите што ќе овозможат реализирање на договорите, потпишани меѓу МАНУ и институциите коишто ги финансираат проектите. Нереализирањето на веќе потпишаните договори ќе има огромни последици и за „остварување на правата и интересите на граѓаните и на правните лица“, што е спротивно на член 32, став 2 од споменатиот Закон. Тоа веројатно ќе предизвика затворање на некои истражувачки центри (во МАНУ дејствуваат 8 истражувачки центри), а може да доведе, кога станува збор за меѓународните проекти, и до иницирање на правни инструменти со коишто финансиерите на проектите ќе ги заштитат нивните интереси, неостварени поради нереализирањето на веќе потпишаните договори.
Академијата е соочена со големи предизвици: ќе бидам многу благ ако кажам дека 38 члена на МАНУ во работниот состав, Секретарот на Секретаријатот, 29 научни соработници и определен број привремено вработени, денес се заложници на 32 вработени. Бесмисленоста е толку голема што Синдикалната организација при МАНУ размислува дали МАНУ да ги подмири обврските за комунални услуги – какво понижување и изживување: може да се случи во МАНУ во 21 век да нема вода и струја.
МАНУ се залага за целосна своја независност и за целосна слобода на научното и уметничкото творештво, меѓутоа, во моментов, тоа е само празна флоскула и ништо повеќе. МАНУ е пред затварање: се надевам дека ќе се најдат сили, итно и со искрен пристап на надлежните инстанции, МАНУ, како стожер на државноста, и понатаму да опстои.
Цветановски: Втора тема за која што сакам да проговориме денес е геополитика. Наредните две прашања се однесуваат токму за геополитичките збиднувања во светот. Кои се сегашните, според вашето мислење, основни геополитички предизвици?
Коцарев: Во одговорот на вашето прашање ќе го цитирам професорот Мирослав Грчев.
Првиот предизвик произлегува од кршење на меѓународното право. Лицемерниот, арогантниот и манипулативен пристап на Западот во одржувањето на американскиот хегемон е толку видлив и очигледен што нема потреба за него да се елаборира детално: светот подолго време, особено од втората светска војна, е игротека на САД – без поддршка на меѓународно право и меѓународните организации бевме и сеуште сме сведоци за „оправданите и праведни“ воени акции, бомбардирања, масакрирања, менување влади … воени акции во Југославија, Авганистан, Ирак, Сирија, Либија…, но и безброј други интервенции. Врв на нивната арогантност беше бомбардирањето на Амбасадата на НР Кина во Белград!
Вториот предизвик е вооружувањето. Денешните вкупни воени трошоци на светот се неверојатни 2.868 милијарди долари, од кои 2.134 милијарди долари отпаѓаат на НАТО и нејзините сојузници. Оправдувањето за ваквите бесмислени трошоци – „деструктивни милијарди што светот ги вложува во уништување на човештвото и во сопствената пропаст!“ се поткрепува со „широката прифатеност на трите перверзно лажни митови на НАТО: дека е одбранбен сојуз, дека се ангажира во одбрана на демократијата во светот, и дека е сојуз на вредности и човекови права“, што НАТО успеа да ги наметне „со 75 години историја на лажење, ширење на упорна и бесрамна пропаганда и со водење на специјална војна со дезинформации“ (Мирослав Грчев).
Според мислењето на Грчев, основна причина за руско-украинскиот конфликт, исто како и одговорноста за избивањето и пролонгирањето на војната, лежи „во одлуката на НАТО да се прошири и врз територијата на Украина, да ја внесе Украина по секоја цена во сојузот и со тоа да ја анулира украинската неутралност уставно утврдена при стекнувањето на независност во 1991 година, и од Украина да направи воена краина односно истурена воена подружница на Западот“ (Мирослав Грчев).
Професорот Грчев со право ќе извика: „Па за правото да се биде членка на НАТО, јас не би жртвувал ни маче ни куче, а за да жртвувам макар еден човечки живот ќе треба претходно да ми извадат три четвртини мозок!!“ Меѓутоа, за жал, македонските политичари го жртвуваа македонскиот народ. Моќта на НАТО и ЕУ и неукоста на грст македонски владетели од Македонија направија држава без идентитет, јазик, историја, име, а од Македонците – безимен народ.
Цветановски: Каков ќе биде, според вашето мислење, геополитичкиот поредок во наредните години?
Коцарев: Геополитичката слика на светот ќе биде определена од односот меѓу Кина и САД. Одговорот на вашето прашање бара детална анализа на различни сценарија, што, за жал, е тешко, скоро невозможно, да се направи во интервју. Едно од можните сценарија вклучува интензивирање на ривалитетот меѓу САД и Кина. Со други зборови, според ова сценарио ќе се зголемат трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ќе се зголемат дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење но и како средство за остварување на економската доминација, и ќе ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Уште повеќе, постои ризик САД сè почесто ќе ја искористи својата моќ врз трети страни, до тој степен што неутралниот став ќе стане економски забранет. На економски, политички, и особено на геополитички план, се случуваат големи тектонски промени: БРИКС, Шангајската организација за соработка, „глобалниот југ“ и нивната меѓусебна соработка, трговијата со сопствена валута, намалувањето на глобалното влијание на доларот, експанзијата на автономни технологии, научниот и технолошкиот развој и особено помирувањето на довчерашните лути ривали против заедничкиот непријател го доведоа американскиот хегемон во незавидна положба.
Според едно неодамнешно истражување на аналитичкиот центар на Австралиски институт за стратегиска политика, Кина го презеде првото место во 57 технолошки категории од вкупно 64 во периодот од 2019 до 2023 година, додека САД се лидери во само седум категории, додека, пак, Кинеската академија на науките води во 31 технологија од вкупно 64. За неколку дена, поточно на 17 октомври ќе патувам во Кина на покана на Кинеската академија на науките (се разбира на нивен трошок, инаку патувањето нема да можеше да се реализира поради штрајкот). Во Македонија, за жал, се чини дека сите се трудат МАНУ да згасне, а мојата инцијатива за отворање на Институт за вештачка интелигенција само заниша неколку лисја во просторот пред МАНУ. Кога сме кај вештачката интелигенција, треба да спомнам дека оваа година двајца истражувачи на вештачката интелигенција добија Нобелова награда, додека, пак, двајца истражувачи на вештачката интелигенција добија Нобелова награда за хемија за предвидување сложени структури на протеини со помош на вештачка интелигенција. За жал, Македонија не помислува да инвестира во вештачката интелигенција.
Според моето мислење, тоа што најмногу денес му треба да светот е лидерство, и тоа, исклучиво балансирано лидерство меѓу повеќе светки велесили. Човештвото ќе се соочи со застрашувачка иднина, ако САД продолжат да се борат, користејќи воглавном недемократски средства, за одржување на нивната глобалната хегемонија. Меѓутоа, Кина, Русија и глобалниот југ ги предводат светските промени против „колективниот запад“, и нејзините вазали, оттука, мулиполарниот поредок е веќе реалност и од оваа точка нема враќање назад.
Цветановски: Како ја оценувате актуелната позиција на Македонија во меѓународно-политички контекст?
Коцарев: Имајќи го предвид функционирањето на ЕУ и нејзините приоритети, а воедно, земајќи ја предвид позицијата на Македонија како составен дел на Југоисточна Европа, не е тешко да се заклучи дека геополитичката позиција на нашата земја е обременета од нејзината асиметрична положба во однос на соседите – членки на Европската Унија.
Македонија денес ја прогонуваат три мита: (1) митот дека опстојот на западната хегемонија е загарантиран, (2) митот дека договорите се недопирливи, нераскинливи и вечни и (3) митот дека сме колективно, не индивидуално, неспособни.
Првите два мита се должат на преценување: процена дека западната хегемонија и договорите со Западот се поважни отколку што тие навистина се. Тие се несомнено важни, но опстојот на македонството и зачувувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се, сепак, поважни.
Третиот мит се должи на потценување – материјалните, а не духовните, потреби на Македонците и империјализмот на нашите соседи, ЕУ и САД кон Македонија изразен преку водење хибридни војни, вклучувајќи и промена на историскиот наратив, агресивното влијание врз политиката и економијата на Македонија, за што сме сведоци катадневно, ги направија Македонците ранливи на потчинување, додека, пак, некои од македонските политичари се трансформираат во „кафеави сахиби“ – безрезервно поддржувајќи сè што е европско и американско, а до хистерија мразејќи сè што е македонско.
Трите мита се нераскинливо поврзани, па, така, митот за македонската колективна неспособност ги подгрева другите два мита: привидот дека во закрилата на западната хегемонија Македонија ќе обезбеди заштита и привидот дека договорите со Западот ќе донесат стабилност и опстојување на македонството и македонскиот народ. Ваквиот пристап, од една страна, е целосно погрешен, а од друга страна, што е можеби поесенцијално и покруцијално, од нас прави поданици, полтрони, слуги. Меѓутоа, Западот спрема слугите, особено слугите што „најдобро му служат на кралот“ – на Западот, се однесува, парафразирајќи го Шекспир, прагматично: „Тој ги држи (слугите) како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најпрво го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“.
Цветановски: Како Македонија да се соочи со трите мита за коишто зборувате?
Коцарев: Во одговор на ова прашање, ќе ги потсетам политичките елити во Македонија на два члена од Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година.
Членот 3 гласи: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, / – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, / – споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам“.
Членот 6 гласи: „Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“.
Оваа Резолуција на Собранието на Македонија, сепак, според моето мислење, треба да обврзува, а не којзнае по кој пат и овој официјален документ на Собранието да биде заборавен – третиран како ѓубре. Оттука, тргнувајќи од Резолуцијата, сите можни идни акти и договорите што не се во согласност со Резолуцијата треба да се отфрлат со резигнација, а веќе потпишаните договори што не се во согласност со Резолуцијата не треба да се репреговараат, уште помалку да се спроведат, туку треба веднаш да се раскинат! Таков е Договорот со Бугарија, па затоа порачувам: раскинете го веднаш! Таквиот чекор ќе има трикатна полза: враќање на самодовербата и конечно (досега сè беше привид!) создавање горди Македонци, почитување на Македонците од сите: и однадвор и одвнатре, и праќање силна порака до сите: ние сме суверена држава, а не вазален протекторат.
Ако постои документ во Собранието на кој можеме да се повикаме при раскинувањето на Договорот со Бугарија, а новата влада на Македонија ја забошоти Резолуцијата, тогаш надежите на македонската јавност во новата влада на Македонија ќе се распрснат како меур, додека, пак, разочарувањата во однос на можните евентуални политики спротивни на македонството и на Резолуцијата ќе бидат погубни, катастрофални, фатални за Македонија и за Македонците. Ако Договорот со Бугарија не се раскине што поскоро, според моето мислење, при следниот попис во Албанија ќе нема веќе Македонци, па така „пописните гуми“ во соседите држави, потпомогнати пред сè од договорите со Грција и со Бугарија, конечно ќе ги избришат Македонците и во Македонија.
Цветановски: Во неколку последни ваши текстови пишувате за геноцид. Иако зборот геноцид на сите им е добро познат, сепак, би сакал да кажете неколку зборови за терминот геноцид.
Коцарев: Точно – за оваа тема пишував повеќе пати – ги повикувам гледачите на „Алфа“ да го прочитаат, на пример, есејот со наслов „Повик за отпор“ објавен во „Нова Македонија“ од 23.05.2024 г. – достапен на веб страницата на весникот. Во одговорот на вашето прашање ќе се повикам на двајца исклучителни мислители, експерти на меѓународното право, професорите Вилијам Шабес и Војин Димитријевиќ. Вилијам Шабес зборува за сеприсутната „мистика на геноцидот“ и го користи терминот „ужасниот Г-збор“, додека, пак, Војин Димитријевиќ пишува за магичниот збор геноцид.
Полскиот адвокат Рафаел Лемкин го предложил терминот геноцид во неговата книга од 1944 година „Владеење на оската во окупирана Европа“. Лемкин е Евреин роден во Русија, којшто работел во Полска како угледен правник, адвокат и државен обвинител. За разлика од многу членови на неговото семејство, тој успеал да избега од нацистичките погроми во 1940 година, прво во Шведска, а потоа заминал во САД, каде што ја објавил книгата во која за првпат се појавува овој неологизам. Според Димитријевиќ, главна инспирација на авторот не е холокаустот, туку масакрот на Асирците во Ирак (1933 година) и масовното ликвидирање на Ерменците во Отоманската Империја од 1915 до 1917 година.
Документот „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид“, прифатена од Генералното собрание на ОН на 9 декември 1948 година, стапи во сила на 12 јануари 1951 година. Според овој меѓународен договор, за постоење на геноцид важно е делото да е извршено „со намера за целосно или делумно уништување на национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, а тој чин може да биде: „(1) убиство на членовите на групата, (2) сериозни повреди на физичкиот или менталниот интегритет на членовите на групата, (3) намерно подложување на групата на услови за живот што треба да доведат до нејзино целосно или делумно уништување, (4) мерки насочени кон спречување раѓања во групата и (5) присилно пренесување деца од една во друга група“ (член 2). Самиот чин на геноцид, планирањето на неговото извршување, директното и јавното поттикнување на геноцид, обидот и соучесништвото се казниви (член 3). „Лицата што ќе извршат чин на геноцид или кој било друг чин наведен во член 3 ќе бидат казнети без разлика дали управуваат со државата, извршуваат функции или се обични поединци“ (член 4).
Тргнувајќи од тоа дека казнувањето треба да произлезе од правни документи, до 12 јануари 1951 година, никој не можеше да биде осуден за геноцид, без разлика какви страшни злосторства извршил врз припадниците на некоја етничка група, меѓутоа и никој што веќе извршил такви злосторства пред 12 јануари 1951 година не може да биде суден или осуден за геноцид. До денес Меѓународниот кривичен суд се произнесе два пати: за геноцидот во Руанда во 1998 година и геноцидот во Сребреница во 2002 година.
Цветановски: Освен правното значење кои други значења има терминот геноцид?
Коцарев: Зборот геноцид, пошироко говорејќи, имплицира историски, социјални и фигуративни атрибути, оттука, терминот геноцид, всушност, беше и сеуште е долгоочекуваниот поим што овозможи слични настани во минатото да се означат со него – неможноста за утврдување кривично дело не ги спречи граѓаните, мислителите и истражувачите да зборуваат, пишуваат и дебатираат колоквијално, професионално или литературно за геноцидот. Но, не само во минатото туку и за настаните што се одвиваат денес а можат да се окарактеризираат со терминот „геноцид“. Напорите на усташите за истребување на Србите во Хрватска, според Димитријевиќ, се геноцид, иако повеќе за нив не може да води судска постапка. Тоа што денес се случува во Газа за многумина е геноцид, без разлика дали некогаш воопшто ќе се води судска постапка. Неодамна, студентите на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, порачувајќи „Fuck NATO“, ја окупираа зградата на факултетот барајќи прекин на сите врски со израелските универзитети и мир во Газа. На 7 октомври 2024 година, Јанис Варуфакис и Брајан Ино поднесоа барање до Меѓународниот кривичен суд да ја изврши својата должност: гонење на очигледните воени злосторства во Израел-Палестина, за да не се нормализира геноцидот низ целиот свет.
Цветановски: Дали можеме да зборуваме за геноцид на македонскиот народ?
Коцарев: Мојот одговор на вашето прашање е недвосмислен: ДА. Тргнувајќи од тоа дека Договорот со Грција требаше да реши еден апсурден спор што ги оспорува универзалните човекови права за (национално) самоопределување, како и принципот јус когенс на обичајно право, кој едноставно не е подложен на дерогирање со никакви меѓународни договори, ниту со „доброволно откажување“ од нив под меѓународен притисок, Договорот е всушност ништожен, нелегален и бесмислен, и преставува преседан и срам во меѓународното право, што никогаш не требаше да се случи ниту со изговорот за големата слика на реал-политиката и геополитиката.
Од вашето прашање произлегуваат редица други прашања: Дали е можно да се поведе постапка за геноцид на Македонците водејќи се од петте „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“? Дали повикување на второто дејство: „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“, е доволно за поведување судска постапка? Дали насилното ревидирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја што го прават договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ не предизвикува сериозни ментални и духовни повреди на Македонците, што се манифестираат и со физички повреди? Ќе повторам, според моето мислење одговорот на сите овие прашања е афирмативен.
Цветановски: Кога зборуваме за геноцид на Македонците, според вашето мислење, за каков геноцид станува збор?
Коцарев: Според моето мислење, договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се документи што овозможуваат поведување правни дејствија – но, да им го оставиме ова прашање на експертите по меѓународно право. Тука ќе проговорам за нешто друго.
Терминот „културен геноцид“ е опишан од полскиот адвокат Рафаел Лемкин во 1944 година, во истата книга што во којашто тој го вовел терминот геноцид, меѓутоа, во „Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид“ тој термин не е вклучен. Музејот на ерменскиот геноцид го дефинира културниот геноцид како „акти и мерки преземени за уништување на културата на нациите или етничките групи преку духовно, национално и културно уништување“.
Ако терминот „колективен идентитет“ вклучува културен идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозен идентитет, етнички и национален идентитет – атрибутите на македонскиот наратив, тогаш, всушност, договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се геноцидни: овозможуваат идентитетски геноцид на Македонците.
Да ги потсетам гледачите на „Алфа“ на Конвенцијата: геноцид е дело извршено „со намера за целосно или делумно уништување на национална, етничка, расна или религиозна група како таква“. Клучни зборови во дефиницијата на геноцид се зборовите: „дело, намера, целосно, делумно“ и „уништување“.
Договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ се дела коишто токму тоа го прават: целосно уништување на македонскиот народ. При тоа би сакал да подвлечам една клучна карактеристика на идентитетскиот геноцид: голем број геноциди во 20 и 21 век – делата за коишто зборував во ова интервју, на пример, масакрот на Асирците, геноцидот на Ерменците, холокаустот, геноцидот во Руанда и геноцидот во Сребреница – сите манифестираат делумно уништување на еден народ. За идентитетскиот геноцид тоа е невозможно: идентитетскиот геноцид подразбира целосно уништување на еден народ.
Трагедијата на македонскиот народ, од една страна, е тоа што Владата на Македонија ја подржа намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ, меѓутоа, од друга страна, и тоа треба да се каже јасно и отворено, започнувањето на проговорите со ЕУ без поништување на Договорите со Грција и со Бугарија, всушност, значи остварување, реализирање на намерата за идентитетски геноцид на македонскиот народ.
Цветановски: Академик Коцарев, би сакал уште еднаш да подвлечам: вие тврдите дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ имплицираат идентитетски геноцид на македонскиот народ. Вашите неистомисленици ќе речат дека претерувате и дека тоа едноставно не е така.
Коцарев: Во одговор на Вашето прашање ќе ја парафразирам д-р Малинка Ристевска Јорданова, една од ретките вистински експерти на полето на евроинтеграциите, денес член на Советот за безбедност на Република Македонија, во минатото шефица на кабинетот на Шекеринска во време кога Македонија го доби статусот на кандидат.
Според мислењето на Ристевска Јорданова: „Во заклучоците на Советот, двете позиции на Советот на ЕУ заедно со Преговарачката рамка, Протоколот со Бугарија … се проголта сѐ и сешто, вклучувајќи ги едностраните изјави за македонскиот јазик, согласноста членството на ЕУ да зависи од завршетокот на работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања“. Оттука, разликата во однос на периодите пред и по 2022 година, е што по 2022 г. бугарските барања „прераснаа во вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови … (што ќе бидат) … основа за Бугарија да бара вградување на (нејзините) услови во сите натамошни чекори од процесот.“
За последниот чекор од голготата „започнување преговори“: уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, Ристевска Јорданова ќе предочи дека „тие и не беа дел од првобитните бугарски услови, туку се дополнителен услов и влезна точка за остварување на бугарските цели преку преговарачкиот процес“. Повторно, внесувањето на Бугарите во Уставот се манипулира и релативизира: ќе се внесат и Хрватите, и Црногорците, и други…, па затоа Ристевска Јорданова ќе заклучи: „Да, но нивните матични држави не го негираат македонскиот идентитет и ги признаваат Македонците во своите држави. За разлика од нив, Бугарија и натаму отворено го негира македонскиот идентитет“.
Бугарската заедница не треба никогаш да се внесе во Преамбулата на нашиот Устав. По, внесување во Уставот, со вклучување на синтагмата „дел од бугарскиот народ“, Македонија ќе стане пример за учебници – парадоксална држава: иако државата Бугарија го негира постоењето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, државата Македонија, којашто би требала да се грижи за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, всушност, ќе дозволи, ако се промени Уставот, бугарскиот народ да стане државотворен народ во Македонија!
Да заклучам: Договорите со Грција и со Бугарија се две страни од еден ист принцип: негирање на сѐ што е македонско, додека, пак, во Преговарачката рамка со ЕУ, вториот протокол и процесот на пристапување во ЕУ се вградени сите македонски негирања: на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик, на македонската историја, …, всушност, на сѐ што е македонско. Ги прашувам гледачите на „Алфа“: Ако тоа не е идентитетски геноцид, тогаш што е?
Цветановски: Дали треба да има лична и колективна одговорност за потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на Преговарачката рамка со ЕУ. И ако да, од кого?
Коцарев: При посетата на Ерусалим на 23 јануари 2020 година, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ќе рече: „Германците се обидоа да ги дехуманизираат, да ги сведат на бројки, да го избришат целото сеќавање за нив во логорите за истребување. Не успеаја. Одговорноста на Германија не истекува. Сакаме да ја исполниме нашата одговорност. Со тоа, вие треба да не мерите“.
Претседателот Штајнмаер не вели „Германија [направи…]“ туку „Германците [направија…]“, така, потенцирајќи дека се работи за поединци, но тој признава колективна одговорност: „Одговорноста на Германија […]“, бидејќи тие дејствуваа во име на германската држава. Така, во својот говор претседателот Штајнмаер прави разлика меѓу лична и колективна одговорност.
Поединци можат да извршат херојски дејствија и ужасни злосторства, но истото тоа го можат и државите и организациите. Седмиот американски претседател Џексон нареди насилно раселување на десетици илјади домородни луѓе, при што беа убиени илјадници, а државата САД изврши геноцид. Претседателот Џексон одамна не е меѓу живите, но САД сè уште постојат, па оттука, колективната одговорност на САД за геноцидот извршен врз домородните луѓе во Америка не застарува.
Треба да се потсетиме на зборовите на Мартин Лутер Кинг во книгата за граѓански права „Зошто не можеме да чекаме“. Тој ќе рече: „Нашата нација е родена од геноцид кога ја прифати доктрината дека оригиналниот Американец, американскиот домородец, е инфериорна раса… Ние сме можеби единствената нација, која се обиде како прашање на национална политика да го избрише своето домородно население. Покрај тоа, ние го издигнавме тоа трагично искуство во благородна крстоносна војна. Навистина, ниту денес не си дозволивме да ја отфрлиме или да се каеме за оваа срамна епизода. Нашата литература, нашите филмови, нашата драми, нашиот фолклор сето тоа го возвишува“.
За личната одговорност на поединците што се одговорни за штетните, неправедните, нелогичните и неуставни договори со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на понижувачката Преговарачка рамка со ЕУ – нема да говорам. Оставам правните институции во Македонија или при ООН, некогаш или никогаш да се произнесат по ова прашање. Меѓутоа, многу поинтересно е прашањето за носителите на колективната одговорност. Кои се носителите на колективната одговорност? Да се потсетиме, не само поединците туку и државите и државните сојузи можат да извршат злосторства. Повторно, за надворешните чинители нема да зборувам, туку ќе се задржам на еден домашни ентитет. Одговорноста на паријата, во чие име беа потпишани договорите и беше прифатена Преговарачката рамка, не исчезнува, таа ќе трае, дури и тогаш кога политичарите ќе заминат од владејачките позиции. Ако некогаш партијата се реши да ја признае својата одговорност, по тоа ние – Македонците неа ќе ја цениме.
Цветановски: Што треба да очекуваме од нашите политичари?
Коцарев: Македонците од нивните политички лидери очекуваат заштита на македонските национални интереси и спротивставување на криминалот, не криминогеност и понизност, не продавање и предавање на сѐ што е македонско. Освен пропагандата – лагите и манипулациите дека од денот на започнување на преговорите сѐ ќе цвета: просперитетот на Македонија и македонскиот идентитет се загарантирани – пропаганда вешто водена од некои македонски политичари, нивните апологети и од нашите душегрижници – официјалните претставници на ЕУ и дел од државите членки, Македонците изгубија сѐ, но најмногу самопочитта и почитта од другите.
Во Македонија сè се релативизира, а моите ставови веднаш ќе бидат окарактеризирани како националистички, антиевропски, антиамерикански, па дури можеби и проруски. Меѓутоа фактите зборуваа друго: што се однесува до балканските национализми, за што говорев многу пати: македонскиот национализам се обидува да ги спаси македонската култура, јазик и историја, додека, пак, национализмите на некои наши соседи, отелотворени во нивната официјална државна политика, ги водат Македонците директно во духовни „гасни“ комори – во нивен идентитетски геноцид.
Ќе наведам неколку примери за релативизација на некои политички одлуки што се направени во Македонија. Прво, аргументите на некои професори имаат ваков призвук: „природните права се вродени и непроменливи, па, така, не можат да бидат предмет ниту на закони ниту на договори“, додека, пак, аргументите на некои духовни лица се сведуваат на тоа дека „идентитетот е и реална и ирационална категорија … за идентитетот не може да се преговара или некој да се убедува … идентитетот, и својот и на другиот, може само да се почитува“. Ваквите тврдења се однесуваат само за личниот идентитет, меѓутоа, не и за колективниот идентитет. Второ, внесувањето на македонскиот јазик во ООН (иако во референтниот документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите, различно од 2022 година, веќе не постои податокот „македонски јазик“), значи, всушност, само признавање на литературниот (државниот) македонски јазик, но не и признавање на македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум. Трето, тврдењата дека во процесот на преговори со ЕУ, ЕУ е таа што ќе го гарантира колективниот идентитет на Македонците е манипулација од невидени размери: ниту Брисел, а уште помалку Софија, имаат некаква причина да ги менуваат своите политики кон Македонија. Бугарија нема потреба да ги смени нејзините ненаучни и понижувачки барања: негирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, …. – разликата во однос на периодот пред и по 2022 година, е што по 2022 г. бугарските барања „прераснаа во вградени механизми во процесот на пристапување за гаранција на исполнување на бугарските услови“.
Ќе ги потсетам, за што сум говорел многу пати, гледачите на „Алфа“ дека до 2018 година колективниот македонски идентитет беше признаен од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот). Македонскиот просторно-временски јазично-дијалектен континуум, за среќа, сеуште е реалност за повеќето – можеби сите, држави, освен за Бугарија. Сепак, ние уше понизно живуркаме воопшто не помислувајќи да го раскинеме Договорот со Бугарија и така, се чини, ги поддржуваме бесмислените уцени на Бугарија.
Цветановски: Како понатаму?
Коцарев: Решението на сите наши проблеми е веќе споменатиот принцип јус когенс на обичајно право. Тука би сакал да се потсетиме на зборовите на професорката Татјана Петрушевска изречени во далечната 2008 година: „Спротивно, инсистирањето на РМ дека употребата на какво било име во меѓународниот сообраќај, вклучително и името Македонија, самото по себе ниту фактички е ниту може да биде фактор на загрозување нечија безбедност, уште помалку опстанок, и дека тој некој што него го проблематизира доведува во прашање серија од темелни ius cogens принципи на меѓународното јавно право врз кои почива современата меѓународна заедница: самоопределување на народите, исклучива внатрешна надлежност на државите; суверена рамноправност на државите, е без сомнение најрелевантниот критериум кој го „цементира“ спорот (на името) како правен par excellance“. Оттука, враќањето на името Македонија е наш единствен приоритет.
Коментирајќи го брзањето за започнување на преговорите со ЕУ, Ристевска Јорданова ќе рече: „Сегашново брзање нема никакво оправдување. Потребна ни е стабилност, сигурност, разум. Има време и простор за сѐ, освен за нови грешки. Единствена итност е да се престане со спиралата на грешки. Ако сакате попластично – време е да се крене „рачна“, за најпрвин да се прекине сегашнава надолна спирала. Да престанат поделбите по сите линии во име на „светлата европската иднина“, да престане разградувањето на институциите. А потоа низ дијалог и внатрешно јакнење, да се постават, и што е најважно – да се спроведат, јасни приоритети, кои реално ќе им служат, пред сѐ, на граѓаните на оваа држава“.
Што, според моето мислење, значи „да се крене рачна“? Прво, раскинување на потпишаниот билатерален Договор со Бугарија. Второ, да почнеме и тоа да трае најмалку една година, едногласно, сите леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говориме за неправедните, понижувачките, нелогичните, бесмислените членови и ставови на договорот со Грција. Тоа треба да го направиме за да сите: и нашите поддржувачи и нашите опоненти разберат за неправедниот, понижувачкиот, нелогичниот, и бесмислениот договорот со Грција. Трето, департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење на доверба кон Владата и кон ЕУ. Четврто, македонските политички елити да се обврзат на транспарентност: да нема повторно изненадувачки „остварени решенија“ и нови „преземени обврски“ за коишто јавноста се запознава откако обврските спрема ЕУ веќе се преземат. Граѓаните на Македонија од другите етникуми треба да разберат дека ние – Македонците, не можеме подолу од тоа каде што сме денес, во спротивно, тие, всушност, не се за соживот, туку го подржуваат разнебитувањето на Македонија, па оттука, слоганот „Македонија – едно општество и едно семејство за сите, сите се граѓани од прв ред“ се трансформира во „Македонија – едно општество без Македонци“.
Цветановски: Ќе го завршам ова интервју со една информација: утре ќе има промоција во Матица ексклузив на ваша книга. За што станува збор?
Коцарев: Станува збор за книгата со наслов „Слова за македонскиот непокор“ во која се поместени сите мои колумни – есеи што излегоа во „Нова Македонија“ во 2022 и 2023 година. Промоцијата ќе се одржи во Матица ексклузив во центарот на Скопје со почеток во 12 часот. Би сакал да изразам голема благодарност на издавачот Матица и нејзиниот директор Раде Сиљан, на промоторот и големиот борец за македонството Ефтим Клетников, и на професорите Драган Даутовски и Адријана Јаневска, коишто со музички настап ќе го збогатат настанот. Ги поканувам гледачите на „Алфа“ утре, ако се во можност, да присуствуваат на овој настан, а ги повикувам сите Македонци, потсетувајќи ги гледачите на есејот „Седмоодделенецот што со црн стикер реши еден проблем планина“ на Христо Ивановски, неодамна објавен во „Нова Македонија“, секаде каде што можат, да ја следат постапката на седмоодделенецот: на придавката „северна“ да залепат црн стикер.