Дел од пратениците во Конзервативната партија на Тереза Меј се уверени дека се поднесени доволно писма за покренување гласање за недоверба на британската премиерка. Тоа го тврди заменичката на политичкиот уредник на Скај њуз.
– Моите извори во Европската истражувачка група се многу уверени дека има повеќе од 48, објави Бет Ригби на Твитер.
Гласање за недоверба на британската премиерка може да биде покренато ако 15 отсто пратеници од Конзервативната партија, односно 48 пратеници, упатат писма до претседателот на Одборот 1922, Грахам Брејди во кои ќе бараат такво изјаснување.
Меј може да биде сменета од функција ако 158 од 315 пратеници гласаат против неа.
Ригби вели дека Грахам нема тоа да го објави додека премиерката е надвор од државата. Европската истражувачка група (ERG) е составена од евроскептични пратеници.