Како побрзо и подобро до еколошка правда, се расправа на денешната еко работилница во Неготино. Настанот е во организација на Македонско здружение на млади правници, во соработка со еко активистот Сашко Тодоров.
Мартина Дранговска Мартинова од здружението, рече дека целта на работилницата е граѓаните да се запознаат за институционалната рамка за заштита на животната средина, можностите да се вклучат во донесувањето одлуки поврзани со животната средина и механизмите за пристап до правда во оваа област.
-Идејата е да дискутираме за локалните проблеми во Неготино во поглед на животната средина и како можеме ние како здружение да ги поддржиме со цел да постигнеме поголема заштита за животната средина и почитување на законите во оваа област, нагласи Весна Дишлијовска од ова здружение.
Бојан Трпевски, исто така правник во Македонско здружение на млади правници, појасни дека активностите се во рамките на проектот „Унапредување на еколошката правда преку правни механизми“, поддржан од УНДП.
Сашко Тодоров од регионалниот еколошки центар „Ековита“, подвлече дека ваквите работилници се од големо значење за оваа и другите организации од Неготино, имајќи ги во предвид проблемите од еколошки карактер со кои континуирано се соочува регионот. Тој се осврна и на еколошките предизвици околу кои беа ангажирани во изминатиот период, како и на понатамошните активности за заштита на животната средина.