Јас сакав и можеби наивно се надевав дека мојот мандат ќе биде фокусиран исклучиво на реформи, проекти, мерки и реализирање на програма, на економија, развој и спроведување реформи, но за жал Македонија како држава не може да помине еден мандат на една гарнитура без таа да е проследена со некои историски или национални теми или прашања, подвлече во својот говор по повид 23 Октомври во Музејот на ВМРО премиерот Мицкоски.

Но ако се вратиме наназад ќе видиме дека тоа е проклетството кое мора да го носиме, гордиевиот јазол на македонското прашање не може едноставном да се пресече, туку е надвиснат над нашата земја веќе со децении и векови. Прашањето е живо не само затоа што ние го држиме живо, туку затоа што нашите соседи го држеле живо заради сопствени или регионални интереси.

Оттука низ историјата сакале да ја делат Македонија, да ја окупираат, едни па други, па трети, па сакаа да ја обезличат, нешто кое и денес е актуелно.

Но ние не смееме да се предаваме, колку и да е тежок овој предизвик. Цел на секоја наредна генерација е да изоди барем еден чекор нанапред во зачувување на идентитетот на Македонците.

Негаторски политики секогаш имало. Историјата се повторува но секогаш како фарса. А ние мора да си тераме по својот пат, мора да сфатиме дека да имаме подобра држава зависи исклучиво од нас и од никој друг. Ако ние не водиме сметка за институциите, буџетот, околината, ние ќе живееме полошо. Ние мора самите а се свртиме кон нас, и да се цениме повеќе, да веруваме во себе, да не дозволуваме апатијата да не проголта и да не водат алузии дека сите не престигнале и нас не не бива. Тоа не е точно. Ние одамна ќе бевме во ЕУ да не беа грчкиот проблем со Македонија и бугарскиот проблем со Македонија. Да се потсетиме и грчкиот и бугарскиот проблем почнаа веднаш на денот на осамостојувањето на државава. И траат како дел од нивна стратешка политика базирана на нивното гледање на историјата и нивните регионални интереси и цели, до ден денес.