Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека постои работна група од експерти која работи на подготовка на ново законско решение за правична застапеност и оти министерот за јавна администрација Горан Минчев не е дел од неа.

-Јас не ги коментирам ставовите на поединци кои доаѓаат од нашите коалициски партнери. Да, има работна група во која има експерти кои работат на изготвување на законско решение кое што ќе биде уставно, кое откако ќе биде дефинирано ќе биде дадено на увид на јавноста, ќе го слушнеме судот на јавноста, а потоа и на Венецијанската комисија пред да влезе во собраниска процедура. Инаку, да, има таква група, министерот Минчев не е во таа група, кажа Мицкоски прашан дали постои работна група во врска со Законот за правична застапеност со оглед дека останатите два коалициски партнери во Владата имаат различни ставови по ова прашање.

На новинарско прашање, премиерот Мицкоски повтори дека догодина нема да има зголемување на платите на функционерите.

-Едно е сигурно а тоа е дека нема да има зголемување на платите на функционерите. Најверојатно тоа ќе биде со корекција на коефициентите, вели Мицкоски, во изјава за новинарите пред обраќањето на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.

Фото: принтскрин