Аргентинската полиција уапсила најмалку пет ѕидари, кои се сомничат дека придонеле за уривањето на хотелот „Дубровник“.
Тие се приведени и се на распит во полициска станица.
Како што се наведува, постои сомневање дека тие биле директно вклучени во уривањето на хотелот бидејќи во тој момент вршеле работи на реконструкција на објектот.
„Луѓето се заробени и сè уште работиме на спасување. Тоа е многу деликатна работа. Зградата имаше одобрени планови и урбанистичка дозвола за реконструкција“, рече градоначалникот Густаво Барера.
Тој додаде дека работата на отстранување и чистење на просторот е отежната поради тоа што луѓето се заробени. Затоа сè треба да се прави со рака, а не со машина.
Хотелот „Дубровник“ утрово се урна во аргентинскиот град Вила Гесел, а итните служби во моментов трагаат по исчезнатите под урнатините. Медиумите јавуваат дека се работи за десеткатница во која имало и хотел.
Уривањето на хотелот ги зафати и околните згради, кои претрпеле одредени оштетувања.
Според градоначалникот Густаво Барерас, меѓу седум и девет лица се водат како исчезнати, пренесе Ла Насион.