Уставниот суд нема да ја анализира уставноста на дел од законите кои на конзозрциумот Бехтел и Енка му овозможија забрзано темпо за градење на автопатските делници од коридорите осум и 10. Хелсиншкиот комитет и прилепски адвокат се обидоа да ги оспорат законите за стратешко партнерство, експропријација и урбанистичко планирање, но Уставен ги отфрли нивните иницијативи. Судот на денешната седница утврдил дека ископувањето суровини во прилепско „Ореовец“ веднаш по поднесеното барање и намалените гаранции за исплата на одземениот имот, не се на штета на животната средина, ниту го ограничувале правото на сопственост.
Експропријацијата на имотите за трасата на автопатските делници во меѓувреме го зголеми обемот на работа кај државните правобранители. Велат дека за само два месеци завршиле близу 2.500 предмети од кои како што тврдат, зависи изградбата на патиштата. Се жалат дека за нивната ефикасност освен пофалби годинини наназад, државата заборавила на нивните плати.. Денеска излегоа на протест во Гостивар, а за средината на идниот месец најавија штрајк.. Платата од околу 28 илјади денари ја сметаат за недостоинствена.
„Видовме пред неколку денови, државниот врв најавуваше дека се сработени многу предмети за експропријација, а токму тие предмети за експропријација ги работат колегите од Државното правобранителство. Ние бараме да се цени трудот на овие работници, да добијат она што го заслужуваат , не претеруваме, тоа го знаат и надлежните. Ако излеземе на штрајк нема да се работат тие експропријации и тоа ќе биде голема штета и за граѓаните и за државата“, изјави Трпе Деаноски, Претседател на УПОЗ.
Пред уставен беше и дополнувањето на законот за работни односи кое овозможи подолго работно време за лицата кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите, но иницијативата не беше прифатена. Судот утврдил дека работникот сам одлучува дали за повеќе пари ќе остане подолго на работното место.