Според министерката за финансии, во Предлог-буџетот за 2025 година има 2 милијарди денари (32,5 милиони евра) ставени на посебна сметка, како резерва кои ќе послужат за зголемувањето на минималната плата, зависно од преговорите на Економско-социјалниот совет кој ќе заседава во понеделник
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска откри дека во понеделник ќе има Економско – социјален совет, односно на маса ќе седне Владата, Синдикатот и Организацијата на работодавачи да преговараат за минималната плата. Како што познато, Созјузот на синдикати притиска таа да биде 450 евра (околу 27.700 денари).
Според министерката, во Предлог-буџетот за 2025 година има 2 милијарди денари (32,5 милиони евра) ставени на посебна сметка, како резерва кои ќе послужат за зголемувањето на минималната плата, зависно од преговорите.
– Ако има само редовно усогласување на минималната плата, согласно сегашната законска регулатива, таа според сегашните проценки, ќе биде околу 24.400 денари-информираа од Министерството за финанансии.
Усогласувањето треба да се случи во март. Сега, минималната плата е 22.567 денари.
Согласно член 4 од Законот за минимална плата, висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.