Павлос Мелас е еден од луѓето што Грците го слават како херој од времето на нивната борба за освојување на Македонија на почетокот на минатиот век. Музејот посветен на Мелас е гордост на секој Грк. Денес грчките деца учат за неговот мачеништво, за неговото херојство и за подлиот начин на кој Македонците ја наместиле неговата ликвидација. Но, токму од грчките извори, може да се прочита поинаква верзија за неговата смрт, која покажува на какви стаклени нозе се држи грчката пропаганда за Македонија.
Павлос Мелас е еден од првите грчки офицери испратен на тлото на Македонија по Илинденското востание за да се бори против четите на ВМРО. На тлото на Македонија влегува на крајот на август 1904 година, но набрзо се разочарува кога сфаќа дека тука одвај има луѓе кои се заинтересирани за неговата, грчка кауза, уште помалку има Грци кои на неговата чета би им ја пружиле неопходната логистичка помош. Само месец и половина подоцна, на 13 октомври 1904 година, Мелас загинува.
Приказната што денес и со децении наназад ја учат Грците е дека војводата Митре Влавот, дознавајќи дека Мелас е отседнат во една куќа во селото Статица, преку некоја жена испратил писмо до Турците, по што турската војска ја опколила куќата и го убила Мелас. Така е градена свеста за Македонците како пониски луѓе кои не треба да живеат, што најдобро дошло до израз во текот на Втората балканска војна 1913 година. Но, токму еден Грк, Димитрис Литоксоу, во неговата книга ‘Грчката антимакедонска борба’, ја разобличува оваа лага на Грците за Мелас.
Смртта на Мелас, која од страна на грчкиот национализам е користена како аларм за сеопшта агресија на банди од стара Грција против Македонците, пишува Литоксоу, претставува тотално исконструирана басна, една голема историска лага што се репродуцира до денешни дни. И продолжува:
„Вистината за неговата смрт е кажана во 1927 година од Петрос Хаџитасис (Македонец по име Петар Хаџиташо, кој бил предавник и соработник на Грците, н.з.) во текот на еден помен во Статица. Хаџитасис кој заедно со Мелас бил скриен во текот на случувањата во куќата на Канијакис (каде Мелас и четата преспале, н.з.), тогаш направил реконструкција на настанот.
Мелас ги оставил без помош Воланис и неговите луѓе за да не се открие неговото скривалиште. Во еден момент слегол преку внатрешната скала во подрумот од куќата за да го извиди подобро местото наоколу. Него го следел Лакис Пирзас.
Само што стапнавме на првото скалило, вели Воланис, се слушна еден истрел и едно ‘оф’!. Слеговме веднаш во дворот и што да видиме, командантот беше мртов. Го дигнавме, го скривме во плевната и заминавме. Втор истрел не се слушна. Од ова Хаџитасис заклучува дека истрелот бил од пушката на Лакис Пирзас. Никој не може да тврди со сигурност дека било пукање. Но, Лакис опоменува дека Такис Киру кој го слушнал раскажувањето на Хаџитасис, ја зел чантата на командантот, ја напуштил борбата и исчезнал, а се појавил наредното лето во Македонија“, пишува Литоксоу.
Заедно со чантата, се вели во неговата книга, исчезнале и еден куп лири што Мелас ги имал со себе. Во Статица, вели Литоксоу, ги знаат приказните што за Мелас ги учат грчките деца, но старите македонски селани се уште со шепотење, раскажуваат за убиството од страна на неговите луѓе и за изгубените лири.
Така загинал грчкиот херој од борбата за освојување и погрчување на Македонија. Една вистина која не може да се пробие ни по цел век.