Земјоделството ќе се враќа во живот со нови мерки, програми и законски решенија. Министерството ги крои новите политики заедно со земјоделските здруженија. Засилена промоција на македонските производи преку што ќе се развива и локалната економија и туризмот. Министерот Трипуновски вели дека во фокусот останува поддршката за македонските земјоделци која што веќе е предвидена во буџетот за 2025 година.
„Во новиот буџет за 2025 година каде се предвидува и сериозна поддршка за земјоделците, како и оние субвенции ќе бидат навремени, за дел од нив ќе има и зголемување, инвестиции во водостопанството, во шумарството. Едноставно имаме едно забрзано темпо и сериозен приоритет да кажуваме повторно со гордост дека Македонија е земјоделска држава..“ рече министерот Трипуновски.
Освен промоцијата низ Македонија, Министерството ќе ги промовира македонските производи и надвор од државата. Ќе се одвојат средства и за помагање на бизнисите од помал обем, вели Трипуновски.
„Апсолутно ќе продолжиме со поддршката, не на начин на кој што досега тоа се правеше. Ќе одиме преку Агенцијата за финансиска поддршка и практично ќе има посериозен пристап во целата работа. Ќе се следат ефектите, ќе има контрола. Но нашата цел ќе биде да ја продолжиме финансирањето на продажбата од куќен праг…“ вели минситерот.
Министерството веќе изработува програмата за посета на саемски манифестации надвор од Македонија, каде што ќе промивираат домашните производи. Според Трипуновски државата има квалитетни вина, квалитетни земјоделски производи и преработки кои се доста барани низ светот и затоа новите политики ќе се движат во насока на нивна промоција. Таков беше и денешниот настан во Општина Аеродром каде што имаше над 300 изложувачи и 50 здруженија кои ги промовираа своите производи и преработки.