Блаже МИНЕВСКИ
Димитра (Митра) Миладинова, сопруга на Димитар Миладинов, дента кога разбрала дека нејзиниот сопруг умрел во Цариград, во грне го ставила неговиот најубав портрет и грнето го закопала во струшките гробишта; таму потоа палела свеќи со години. Кога, пак, во 1875 година стигнала во Цариград за да ја пречека ќерка си Царевна, која се враќала по завршените студии во Одеса, двете заедно три дена го барале гробот на браќата по цариградските гробишта. Се разбира, никој од власта не ги примал; никој, наводно, не знаел каде се закопани. А двајцата, и Димитар и Константин, умреле, односно биле отруени, во истиот централен цариградски затвор во 1862 година. Димитар имал 52 а Константин само 32 години.
Елисавета и Милка Миладинови, внуки на браќата Миладиновци, во својот дом во Софија чуваат купишта документи, архивски материјали и оригинални книги поврзани со животот и творештвото на своите претци. Меѓу другото, ги чуваат сите оригинални изданија на Зборникот на народни песни, почнувајќи од првото, па преку второто издание што го објавила Митра Миладинова во 1891, до најновото издание што пред повеќе година излезе во Скопје. Исто така, Елисавета Миладинова, која со децении работела во Народната библиотека во Софија, има пронајдено и истражено огромен фонд ретки архивски материјали поврзани со браќата Миладиновци. Освен тоа, таа има направено и фасцинантно семејно стебло, почнувајќи од родителите на Димитар и Константин, па се до најмладите потомци кои денес живеат во Софија, Скопје и Струга.
Во Софија, меѓу другите потомци на овој струшки род, живеат и браќата Никола и Ангел Миладинови, односно Алексови, внуци од ќерката на Димитар – Царевна Миладинова. И тие, како што велеа своевремено, уште не се откажуваат од потрагата по гробот на нивните дедовци, Димитар и Константин.
БРАЌАТА ОФИЦИЈАЛНО ПОЧИНАЛЕ ОД СТОМАЧЕН ТИФУС
Како што е познато, Димитар Миладинов своето образование го завршува во Охрид и во Јанина, а учителствува, освен во Охрид, уште и во Кукуш, Струга и Прилеп. Исто така, тој е и меѓу првите македонски дописници на “Цариградски весник”. Поради неговите активности, фанариотите постојано го следат, но свесни дека не можат лесно да го скршат, безобразно го клеветат пред Портата во Цариград. Помалиот брат Константин гимназиското образование го завршува во Атина; кратко време работи како учител, а потоа заминува на студии во Москва, каде што веќе студира и уште еден значаен Македонец во тоа време, поетот Рајко Жинзифов. Набрзо по доаѓањето во Москва, следејќи го искуството на својот брат, и тој почнува на пишува и да испраќа свои дописи до неколку весници што излегуваат во Цариград, Софија и во Белград. Истовремено веќе пишува и стихови посветени на својата татковина Македонија. Во меѓувреме, постариот брат веќе има собрано голем број народни песни, кои Константин се обидува да ги објави во Русија. Но, како што е познато, Зборникот ќе биде отпечатен во Хрватска, под покровителство на епископот Штросмаер. За жал, радоста за излегувањето на Зборникот, трагично е поматена со затворањето на Димитар. Кога Константин, по пат, ја дознава таа вест, наместо кон Струга, веднаш тргнува кон Цариград. Само што доаѓа во престолнината за да го пронајде својот брат, соработниците на фанариотите го затвораат и него. Затворските малтретирања овде нема да ги опишуваме. Само ќе констаираме дека Константин умира на 7 јануари 1862 година, а неговиот постар брат Димитар – четири дена подоцна. Од тогаш се поминати точно 162 години, но, за жал, и денес се уште не се знае каде им е гробот.
– Гробот во Цариград, како што кажуваше баба Царевна, таа и мајка и, три дена го барале летото 1875 година, но не успеале ништо да најдат. Немало ниту документ дека се умрени. И подоцна, во неколку наврати, биле направени неколку безуспешни обиди да се дојде до некаква трага што ќе ја расветли нивната судбина во Цариград. Единствен факт е дека тие се закопани без да им се стави надгробен белег, и, најверојатно, во ист гроб со други починати затвореници. Од друга страна, не се знае точно ниту како, ниту од што, всушност, починале. Според едни, двајцата починале од стомачен тифус, а според други биле отруени – раскажуваше пред 20-тина години Никола Алексиев, внук на Царевна Миладинова Алексиева, ќерка на Димитар Миладинов.
Браќата Никола и Ангел, како скапоцена реликвија го чуваат второто издание на Зборникот со народни песни на браќата Миладиновци. Тое е историското издание што со тешки маки успеала во 1891 година да го објави сопругата на Димитар, Митра Миладинова. Тоа издание е печатено во печатницата на “Либералниот клуб” во Софија. Во истата таа печатница, дванаесет година подоцна, ќе биде отпечатена и уште една исклучително важна македонска книга – “За македонските работи” на Крсте Петков Мисирков. Сопругата на Димитар, извесно време по смртта на својот сопруг се преселува од Струга во Новоселци, сега Елин Пелин. Тука и починала, во куќата на својот братучед Наум Матов.
Според бројните документи и архивски материјали, кои со голема почит ги чуваа Елисавена и Милка Миладинови, уште во 1862 година рускиот конзул во Цариград, гроф Игнатиев, по инструкција на руската Влада, се интересира за судбината на семејството на Константин, односно на Димитар Миладинов во Струга. Се претпоставува дека успева да ги пронајде преку пријателите на Константин Миладинов во Москва. Како и да е, веднаш, истата 1862 година, го испраќа во Струга конзулот Хитров со задача да земе едно од децата на Димитар, кое, со руска стипендија ќе биде испратено да се школува во Русија. Димитар Миладинов имал шест деца, но од нив само едно било машко. Конзулот Хитров предложил во Русија да замине токму момчето, но Митра Миладинова не се согласила со тој предлог. Имено, таа инсистрирала тој да остане во Струга и да го продолжи грнчарскиот занает. Од друга страна, бидејќи ќерката Царевна веќе била писмена, а знаела и многу песни од оние што татко и ги запишувал во Зборникот, конзулот Хитров одлучува во Русија да ја испрати неа.
Ќеркичката на Димитар Миладинов, таа 1864 година, кога пристигнува во Киев, има одвај осум година. Десет години подоцна, во 1874 година, таа веќе е учителка во бугарскиот град Шумен. Но, сите тие осум година поминати во Шумен, постојано ќе копнее да се врати во Македонија. И, најпосле, сонот и се остварува – станува учителка во Женската гимназија во Солун. Тука се омажува за трговецот со кожни производи Никола Поп-Алексиев. Во текот на следните неколку година на Царевна и Никола им се раѓаат синовите Владислав и Димитар, и ќерките – Рајна и Марија. Во 1913 година семејството, заедно со илјадници други македонски семејства, е прогонето од Грците и засолниште бара во Бугарија.
ГЕОГРАФСКА КАРТА НА МАКЕДОНСКИ!
Во 1934 година, на аголот меѓу улиците “Гледстон” и “Витошка”, Царевна Миладинова ја удира трамвај. Токму на тој агол син и Димитар имал мала колонијална продавница. Мајка му Царевна сакала да му се пожали од кметот на Софија каде штотуку била за да ја приложи својата пензија како помош за сиромашните. Кметот, имено, не сакал да ја прими – наводно бил зафатен. Така лута не го забележала трамвајот што бил сосема блиску. Умира на 80-годишна возраст.
Но, што се случило со другите деца на Димитар Миладинов?
Најстарата ќерка Елисавета се мажи за ученикот на својот татко – за Кузман Шапкарев. За жал, умира набрзо, многу млада, во Кукуш. На семејното стебло од тоа семејство е и скулпторот Мишо Шапкарев. Другата ќерка на Димитар и Димитра (Митра) Миладинови, Златица Миладинова, подоцна станува Наумова – се мажи во Шумен. Нејзината сестра Милица, пак, се омажува во Софија, во семејството Икономови. Најмалата, Фроса, останува во Струга, каде што се мажи за трговецот Наум Ликов. Братот, кој ја послушал мајка си, останал да живее во Струга како грнчар, но неговиот син се преселува во Бугарија, каде што му се раѓаат децата Пенка и Коста.
Професорите Никола и Ангел Алексиеви се внуци од најстарата ќерка на Димитар, Царевна Миладинова. Никола станува пулмолог, професор по медицина, а неговиот брат Ангел, исто така професот, станува инжинер по образование. Тие се деца на помалиот од синовите на Царевна – Димитар. Тоа е оној син кај кого таа одела кога ја прегазил трамвајот на улицата “Витоша”. Двајцата професори, внуци на браќата Миладиновци, не се откажуваа од потрагата по гробот на своите дедовци во Цариград. Тоа е, всушност, некаков аманет што се пренесува меѓу потомците на семејството Миладинови. Се надеваат дека со отворањето на архивите во Цариград, можеби ќе се дојде до некаков податок што ќе помогне во потрагата. Тоа е своевиден аманет за сите потомци на Миладиновци. Во семејното стебло, кое Елисавета Миладинова го правелаи последните години, запишани се сите потомци во семејството. и оние што живеат во Софија, и оние што живеат во Скопје, и оние што живеат во Струга: “Сите сме гранчиња на истото стебло”, велешевтаа, замолувајќи своевремено на крајот од разговорот, ако сме во можност, некако да и пратиме географска карта на Македонија во која местата ќе бидат напишани на македонски јазик. Сестра и Милка дофрла дека тие исто се пишуваат и на бугарски, но Елисавета реагира велејќи дека воопшто не е исто, зашто таа последниот пат не можела да се снајде барајќи го селото на нивната мајка, односно селото Нерези, струшко.
За разлика од нејзината постара сестра, која не била во Македонија од 1943 година, кога се сликала во кајче на Охридското Езеро и на Камениот мост во Скопје, Елисавета често доаѓала во Македојнија и сосема добро ги знае разликите: ”Со сестра ми Милка често не се согласуваме за многу работи, иако и двете сме на истото гранче од семејното стебло”, со насмевка на лицето велеше Елисавета, собирајќи го во голема ролна огромното семејно стебло на Миладиновци.