Германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, кој е и лидер на партијата на Либералите, помалиот коалициски партнер во Владата.

Со таквиот потег на Шолц им беше ставен крај на разговорите за изнаоѓање компромис во трипартитната владина коалиција во Германија, која ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП).

Во изјава по состанокот, Шолц рече дека ја изгубил довербата во Линднер кој „не му служел на јавното добро, туку неговата клиентела и партијата“.

Владините партнери со недели спореа околу државниот буџет за следната година, а веќе подолг период односите во коалицијата не се на високо ниво поради судири околу бројни важни прашања за иднината на државата.

На состанокот на највисоките функционери на трите партии, Линднер побарал одржување на предвремени парламентарни избори во земјата. Канцеларот Шолц го одбил таквиот предлог.

Министерот за финансии Линднер, деновиве предизвика бура во јавноста откако протече документ со негов потпис во кој се бара „економски пресврт со делумно фундаментална ревизија на клучните политички одлуки“ – преку намалување на даноци за компаниите, олабавување на прописите во врска со заштитата на климата и намалување на субвенциите и социјалните давачки. Социјалдемократите и Зелените одговорија со жестока критика за потегот на Линднер.

Тој документ е и основната причина за отпуштањето на Линднер од страна на канцеларот Шолц.

Неизвесно е што понатаму ќе се случува со германската влада. Социјалдемократите и Зелените повеќе немаат мнозинство во Бундестагот, а малку е веројатно дека најголемата опозицијата партија, сестринската ЦДУ-ЦСУ, ќе се согласи да поддржи малцинска влада.

Канцеларот Шолц најави дека на почетокот на јануари ќе бара гласање за доверба во парламентот, а предвремените избори најверојатно ќе бидат организирани во март следната година.