Инга не можела ни да помисли дека еден ден ќе и биде потребна помош од некоја организација за сиромашни пензионери. Цел живот работела како воспитувачка, но еден момент, една сообраќајна несреќа и го сменила животот.
Денес живее со 800 евра месечно и тие пари едвај и стигнуваат за станарина и фиксните трошоци. За да преживее, дополнително чува деца.
„Не завршив во сиромаштија зашто не сакав да работам, туку заради настан во кој не бев виновна. И тоа го одреди мојот понатамошен живот. Одново да работам, да се борам, да преживувам, Всушност, ништо друго и не познавам“, вели Инга.
Ули сака да вози велоспиед. И тој едвај спојува крај со крај. Откако ќе ја плати станарината и ќе ги плати фиксните сметки, му остануваат 300 евра. Има 72 години, а со возењето велосипед, на кратко заборава на маките.
Живее во мал еднособен стан, во близина на Минхен. Неговиот кревет се наоѓа во дневната соба. Повеќе од тоа не може да си дозволи. Порано, се било поинаку. Бил пионер во областа на дигиталниот пренос.
„Во добри денови, месечно носев дома и до 10 000 марки. Живеев во куќа од 180 м2. Тоа беше пријатен живот“, раскажува Ули.
Но, наскоро странски фирми почнале да произведуваат поефтино и неговата фимра отишла во стечај.
„Моја грешка е што живеев со полни гради, без да оставам нешто на страна“, додава Ули.
Кај Гизела, причината за сиромаштвото е што 11 години го негувала болниот татко.
„Тој скеогаш беше за своето семејство, и затоа не можев да го оставам, морав да се грижам за него“, раскажува таа.
Нејзината несебичност сега на стари години и се одмаздува. Таа не е осамен случај. Во Германија, сиромаштијата и се заканува на секоја петта личност која негува член на семејството. Тоа е затоа што за времето на негата не се плаќаат доприноси за пензија, а од државата се добива само мал финансиски бонус.
Инга секој ден ја чита својата Библија. Вели дека тоа и помага против стравот дека еден ден веќе нема да може да работи. Но, понекогаш, сепак, ја губи храброста:
„Доста е, не можа, повеќе вака. И сакам да викнам. Да чуе цел свет. Не можам повеќе. И не сум единствена. Милиони пензионери се чувствуваат како мене“, вели таа плачејќи.
И Ули се надева на некоја промена. Научил скромно да живее, но наместо тоа, повеќе би сакал политичарите порамномерно да ги распоредуваат парите.
„А таа рамномерна распределба во овој момент воопшто не се случува. Напротив. Јазот во општеството е се поголем“, вели Ули.