Месечната инфлација е во минус и изнесува -0,7 проценти кога ќе се споредат месеците октомври и септември, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање какви се резултатите од мерките за малопродажните цени што ги презеде Владата и што се очекува пред Нова година.

„Од тоа што сум информиран од министерот за економија, остварена е комуникација со коморите, дефиниран е списокот на производи и артикли за пред Нова година, дефинирани се и цените“, додаде Мицкоски.

Според него, запирањето на инфлацијата на 0,3 отсто во септември во однос на август, и дефлацијата од -0,7 отсто во октомври во споредба со септември, значат заштеда на граѓаните од 1 000 до 1 300 денари.

На прашањето дали ќе преземат социјални мерки за да ги заштитат граѓаните од ценовни шокови ако поскапе струјата, пак, со оглед дека се најавува тешка зима со минусни температури, Мицкоски одговори дека до овој момент Владата нема информација дека цената на електричната енергија ќе се зголеми.

„Дека зимата ќе биде предизвикувачка, ќе биде, и тоа го зборував уште на почетокот на нашиот мандат имајќи предвид со што се соочува Европа, какви се временските прогнози и во име на тоа преземавме мерки за да се обезбедиме, за да не дојде до ценовен шок и до зголемување на цената на електричната енергија. Како тоа на крајот ќе заврши, зависи и од самата РКЕ“, рече премерот.

Во врска со стабилноста на снабдувањето со електрична енергија, тој додаде дека во РЕК „Битола“ има околу 200 до 250 илјади тони јаглен на депонијата, се ископува парче од 1,5 милиони тони, а и се увезува јаглен по цени од 10 до 20 отсто пониски од претходно.

Со пониски цени, додаде Мицкоски, се набавува и гасот од кој се произведува електрична енергија и топлина за скопјани, а има и намалување на режиските трошоци. Поради сето тоа, тој смета дека состојбата е стабилна и дека нема да има ценовни шокови.

Вчера во телевизиско интервју и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, рече дека се прави сè за да нема поскапување на електричната енергија за граѓаните од следната година.