Заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ вечерва изјави дека никогаш не бил направен попис во Министерството со кое сега тој раководи. Како што рече, во касата на Министерството (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) од каде се земале пари за да се патува во странство, не бил направен попис и недостасувале 40.000 евра.

-Сите проблеми што се детектирани се документирани и предадени на Финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство. Понатаму не е моја работа, одговори тој на прашање во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Тој рече дека за 100 дена го „скоцкал Министерството“ и сега сите вработени „доаѓаат на работа, за разлика од претходно, каде што никој не доаѓаше на работа“.

Стоилковиќ рече дека задача на Обвинителството е да го гони криминалот, а негова, сѐ што нашол да приложи со докази.

Со поранешното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците раководеше Артан Груби од ДУИ, кој истовремено беше и прв вицепремиер во Владата.