Речиси половина од водата што треба да стаса од хидросистемот Ѓавото во Дојранското Езеро се губи попат поради дивите приклучоци. Пратеникот од ЗНАМ, Миле Цеков, кој го следи процесот на рестартирање на хидросистемот заедно со министерството за животна средина, вели дека под итно е потребно да се отстранат тие приклучоци за да стигнува водата од трите пумпи во езерото.

Цеков вели дека станува збор за три места каде има најголеми губитоци на вода, а таа се одлевала кај приватни лица за наводнување.

Хидросистемот Ѓавото се пушти минатата сабота, но по неколкучасовна работа беше запрен бидејќи каналот во близина на езерото бил затрупан. Инспектор за животна средина бил на терен и утврдил затрупување на неколку места. Причините дополнително ќе се утврдуваат и се најавуваат соодветни пријави за виновниците.