Дарко ЈАНЕВСКИ
‘Одамна не се допишуваме. Од 10 август сум во Воронеж. Мислев да се префрлам во Николаев, но не испадна работа. Повторно живеам сам. Се сместив добро и не скапо: за 35 рубли месечно, имам доволно пристојна и добро наместена соба и одлична храна. Во гимназијата кај мене се’ е добро.
Што е брате, каков е резултатот од Балканската војна? Дали се сеќаваш на нашите разговори кога се трудевме да ја предвидиме судбината на Македонија? Очекувавме дека нејзината западна половина ќе ја земе Австрија, а источната ќе премине кон Бугарија. Така можело да се мисли… Изгледа дека Србија, додека ја проголта и ја свари Македонија, ако тоа и појде од рака, уште ќе се задави од оваа работа…
Но, треба да им се чудиме на бугарските дипломати. Не се најде човек со вистински дипломатски усет и некоја далекувидост. Решавајќи се за толку сериозна борба со два народи, како сепак не се потрудиле да си обезбедат заднина од страна на Романија, по која и да е цена. На што сметале тие? На помошта од Русија? Ако ние, луѓе што ги црпат информациите од весниците знаевме дека Русија се однесува со недоверба кон засилена Бугарија, не само што нема намера да и помогне на Бугарија, туку е спремна да ја нас’ска Романија на неа, и го направи тоа, зарем не би требало да го очекуваат ова бугарските политичари, кои непосредно и благовремено беа информирани за се? Чудни и неспособни луѓе се бугарските политичари. Сосема се без далекувидост. Зошто требало да се зазема оној Адријанопол, па уште и со помош на Србите? За да им се даде основа за претензии на Србите? Да не беше Адријанопол, сосема поинаку ќе испаднеше спорот за поделбата. Па немаше непосредна непоходност да се зазема Адријанопол’, му пишува во писмото Лазар Мисирков, на својот брат Крсте.
Во него, тој всушност ја доловува поената на поразот на Бугарија во Балканските војни. Таа тргна кон Константинопол, оставајќи ја Македонија со малку војска и оставајќи ја својата северна граница кон Романија без војници. Со тоа сите карти ги фрли на нова војна со Турција, овозможувајќи им на Грците и на Србите воени победи, и овозможувајќи и на романската војска да дојде пред вратите на Софија, принудувајќи ја Бугарија на капитулација. Во такви услови, поразот и подлебата на Македонија било нешто што се подразбира.
На овие негови забелешки, Крсте одговара во ‘Дневникот’ на 24 јули 1914 година:
‘Да се откажеш од Адријанопол, значи да се откажеш од 25 000 квадратни километри и од крајбрежјето на Мраморно Море. А, нели Бугарите беа одушевени од Родосто, споредувајќи го со Ривиера’, запишал Мисирков, објаснувајќи дека против повлекувањето од Адријанопол биле и бугарската војска, и Русија и Србија. Затоа и војската останала таму, заедно со одредот од 15.000 македонски војници, оставајќи ја Македонија на Србија и Грција. За воља на вистината, за вистинска автономија на Македонија никому не му паѓало на ум.