Работиме и во зимските месеци и автопатот Кичево – Охрид ќе го пуштиме и пред летната сеозона догодина, вели директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

– Денеска заедно со екипа од Сител ТВ извршивме увид во градежните работи на ескпресниот пат Страцин – Крива Паланка. За прв пат во Македонија се овозможува да се гради и во зимски период, односно градежните компании набавија адитив кој овозможува да се асфалтира и на пониски температури. На овој начин се продолжува и градежната сезона. Ако таа досега беше 6 до 8 месеци сега ќе имаме асфалтирање во период од 8 до 10 месеци во годината. Сето ова, пак ќе овозможи забрзување на проектите и зимските услови во наредните месеци нема да бидат пречка да продолжиме со асфалтирањето, вели Трајановски.

Досега, додава тој, зависевме од условите на времето кое на ниски температури налагаше да се прекине со асфалтирање.

– Оваа зима и во месеците што следуваат ќе продолжиме со асфалтирање и тоа на автопатот Кичево – Охрид каде што има тројца изведувачи, едниот е ‘Гранит’, вториот е ‘Илинден – Струга’, а третиот е самиот ‘Синохидро’, со што ќе овозможиме Кичево – Охрид пред летната сеозона догодина да го пуштиме во употреба, ако не во двата правци, тогаш едниот да биде целосно асфалтиран и пуштен во сообраќај, вели Трајановски во објавата на Фејсбук.