Ескалацијата на конфликтот во Украина, вклучително и вмешувањето на севернокорејски војници, целосно е во рацете на Русија, изјавија синоќа во Белата куќа.

– Русија ескалираше на секој чекор, изјави портпаролката Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД ја предупредиле Москва дека е неприфатливо вовлекување на „други земји“ во украинскиот конфликт.

Според западни и украински разузнавачки служби, Русија вклучила во конфликтот најмалку 10.000 севернокорејски војници, дел од кои се распоредени во Курската област на Русија за зајакнување на нејзините позиции.

За Жан-Пјер тоа е доказ за „очајот“ на Москва. „Тие трпат високи загуби и затоа бараат од Северна Кореја дополнителна воена сила“, рече таа и најави дека администрацијата во заминување на претседателот Џо Бајден ќе продолжи активно да обезбедува помош за Украина во преостанатото време до истекот на мандатот на актуелниот претседател.

Русија неделава ја нападна Украина со нова балистичка ракета со среден дострел, што, според аналитичарите, беше одговор на одлуката на Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади врз Русија.

Жан-Пјер одби да коментира за промената на позицијата на САД во однос на ракетите ATACMS, за што првпат беше објавено за време на викендот.

-Тие (Русија) се тие што продолжуваат со ескалацијата. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во нејзината борба против оваа агресија, изјави портпаролката.

Таа додаде дека САД не гледаат „никаква основа“ за промена на својата нуклеарна доктрина по обновувањата на руската нуклеарна доктрина, за што претходно зборуваше претседателот Владимир Путин. Претставничката на Белата куќа ја осуди „неодговорната“ реторика на Москва.

– Ние не гледаме никакви причини за прилагодување на нашата нуклеарна доктрина или позиции како одговор на изјавите на Русија, нагласи Жан-Пјер.