Јованка КЕПЕСКА

Немало нации во времето на св. Кирил и Методиј и на св. Климент и Наум па не може од тој агол да се гледа македонската идентификација, е ставот на еден историчар и на некои претставници од други научни профили.

Се поставува прашањето: ако немало нации, што е точно, зошто се приоѓа од тој агол на гледање за македонската идентификација во времето на св. Кирил и Методиј и на св. Климент и Наум. Што, истовремено, создава нејасен став за почетокот на создавањето на македонскиот народ.

За да се конструира процесот на создавањето на македонскиот народ најсоодветни се научните сознанија во сферата на социјалната теорија, во филозофијата на народите како и артефактите во сферата на историјата на уметноста.

Сигурно е дека на раниот период од развојот на македонскиот народ не може да се гледа од аспект на денешни услови окарактеризирани како македонска нација, а на што упатува оваа нелогична изјава. Затоа што науката прашањето за македонската идентификација во процесот на создавањето на македонскиот народ не го поставува од денешен агол, секако.

Ставот дека од аспект на нациионалниот период не може да се оствари сознание за македонска идентификација во периодот на создавањето на македонскиот народ создава сомнение дека и нема таква идентификација. Што би прозлегла од процесите на создавањето на македонскиот народ односно и за сомнение дека може да се очекува македонска идентификација. Односно дека, можеби, процесите на создавањето на македонскиот народ не се отпочнати

Се превидува, притоа, дека создавањето на народот е објективен процес кој е предмет на согледување, пред се, во рамките на социјалната теорија. И што, како теоретска претпоставка за создавањето на народите, воопшто, оттаму и за македонскиот народ, мора да се претпостави. Создавањето на народот е претпоставено со економското поврзување на племињата, што довело, на почеток, и до сојузување на племињата, до изедначување на дијалектолошките разлики и до создавање на народниот говор. Односно дека поврзувањето на племињата во народна  заедница се отпочнати така што се комуницира со народен говор. А токму тоа е процесот во каков се создаваат и македонскиот народ и македонскиот говор. Познати се племињата кои се нарекуваат македонски. Отпочнати се сојузувањата преку кои се одвиваат процесите на создавањето на македонскиот народ.

Станува збор за два процеса, економскиот и јазичниот, како поврзани процеси. При што говорот го изразува севкупниот живот на народот.

За ознаката на говорот како македонски, за подрачјето како македонско и за населението како македонско, говорат и извори во сферата на славистиката но и во други науки и сознанија од различни општествени сфери. Да го наведеме еден од изворите: „Собрани материјали за населението и границите на Македонија“, од професорот Круме Кепески, собрани во 1944 година, каде се наведуваат такви податоци.

Во македонската лингвистика се определува дека по општиот словенски јазик настанува црквениот јазик или пишаниот јазик но со македонска редакција, како што се насловува. Ако постои таков процес во јазикот значи дека се подвижило создавањето на македонскиот говор во реалниот општествен процес. Оттаму и македонска идентификација искажана и во променте во јазикот кој повеќе не е само општословенски.

Се поставува и прашањето: како тоа по создавањето на глаголицата, значи, по создавањето на кодифициран јазик врз основа на дијалектите на македонските племиња, можеме да говориме само за општословенски јазик? Затоа што, според Андре Вајан, јазикот како црквенословенски, опстанал кај Словени, три века, но употребата била само писмена, не и говорна. Затоа што црквенословенскот јазик бил јазикот на писменоста. А писменоста не се одвојувала од црквата.

Паралелно настанува и раширување на писменоста меѓу народите кога и стандардизираниот јазик престанува да биде сакрален, станува попристапен за народот. Процеси што отпочнуваат од 10 век.

Во филозофијата постанокот на новите народи се поврзува со времето на ренесансата. Во европски рамки прифатено е дека таа настанува по 14 век. Ренесансата во основа ги донесува следните заложби: да се промени севкупниот начин на размислување така што во интелектуалниот живот „темното да се претвори во светло“; да се распространи образованието и да се изврши неговата реформа; при што уметнички дела ги изразуваат новите заложби. Карактеристично е и тоа културното движење постојат различни придонеси на одделните народи.

Многу рано во Македонија се присутни вакви дела и идеи карактеристични за ренесансниот период. Доволно е да се потсетиме на научниот приод кон јазикот со кодификацијата, на ширењето на писменоста и на образованието преку дејностите и на Кирил и Методиј, и на Климент и на Наум и на засновањето на научни методи во повеќе области од човечкото дејствување, онака како и се претпоставувале науките во периодот, кај св. Наум за претворањето на темното во светло. Истовремено во уметноста се јавуваат искрите на „враќањето кон животот“ (фреската во св. Пантелејмон, „Оплакување на Христос од 12 век; архитектурата ) што се јавува како рана ренесанса во подрачјето на Македонија, што, според академик Цветан Грозданов, пак, како сознание во научната област – историја на уметност е прекината во 14 век.

И додека се создава негативна конструкција за македонската идентификација кај нас, во истовреме, во хрватскиот Устав (во преамбулата) се повикува на илјадитната самобитност на хрватскиот народ како потврда на вкупното историско случување од седмиот век, укажувајќи воедно и на потребата на одржувањето и развитокот на државотворната мисла за правото на државна сувереност. Што е сосема засновано на теоретската мисла за создавањето на народите, а покасно нациите.